Црвен крст донираше храна на 15 стари изнемоштени лица од Крива Паланка

Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка денеска организираше акција за достава на прехранбени пакети за петнаесет осамени и изнемоштени лица од општината под мотото „Заедно вложуваме, заедно споделуваме“.

Во активноста се вклучија триесет и пет волонтери, млади и возрасни членови на клубовите на ОО Црвен крст, Крива Паланка, а е дел од проектот „Природата се менува – семенуваме и ние“, финасиски поддржан од буџетот на општина Крива Паланка со Програмата за помош и поддршка на здруженија и фондации за 2019 година.

-Главна цел на проектот кој го спроведовме како пилот и се имплементира во градскиот реон е создавање на локален оджлив систем за искористување храна во насока на подобрување на условите за живот на социјално загрозени граѓани на територијата на општина Крива Паланка. Опфативме повеќе активности со овој систем за редистрибуција на храна до социјално загрозените граѓани во општината, младите волонтери заеднички подготвуваа оброци во домаќинствата на пензионерките, членки на клубот „Достоинствен живот“ и на директен начин учеа подготовка на традиционална локална храна, а возрасните волонтери креативно и едукативно го исполнија своето време, а воедно учеа и за менаџирање вишок храна, што се покажа дека вакви активности може и треба да се реализираат почесто, во текот на целата година, изјави Дарко Пешовски, секретар на ОО Црвен крст, Крива Паланка.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека не секое семејство има на кого да се потпре во третата доба, и затоа, како што рече, токму службата како Црвен Крст е тука да помогне.

-Честитки за иницијативите на Црвен крст, придонесот на овие млади волонтери и искусните повозрасни членови на клубот. Верувам дека ангажманот на сите нас треба да биде вклучен, да бидеме општествено одговорни. Ние како општина вложивме средства, но да не е тука Црвен крст, немаше да се рализира. Следната година може да се вклучат и претставници на општинските служби, за сите генерации, и средовечните, да бидат директно инволвирани во ваква хумана мисија и да покажеме дека сите се грижиме за заедницата, изјави Мицевски.

Во акцијата „ Заедно вложуваме, заедно споделуваме“ беа дистрибуирани 15 хуманитарни пакети, средства за хигиена и храна во домовите на осамени и изнемоштени лица од општината.

Целта на проектот е да се поттикне свеста за сиромаштијата и вишокот на храна од домаќинствата и да се укаже дека со координирани и насочени акции може да се зголеми квалитетот на живот на повеќе нивоа.