Виолинистот Роман Симовиќ на концерт со Македонската филхармонија

 Црногорскиот виолинист Роман Симовиќ вечер ќе одржи симфониски концерт со Македонската филхамонија, насловен „Чајковски и Бетовен“.

Симовиќ (1981) е концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, а во исто време е ангажиран и како концерт-мајстор со Марински театар и со Минхенската филхармонија.

Тој за македонската публика ќе го изведе еден од најпопуларните концерти за виолина, виртуозниот концерт за виолина и оркестар бр. 1 од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.

Диригент ќе биде маестро Борјан Цанев, а ќе биде изведена и Симфонијата бр. 1 од музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен.

Наградите се уште една потврда за неговата исклучителна уметничка физиономија: Родолфо Липицер (Италија), Сион-Вале (Швајцарија), Јамполски виолинскиот натпревар (Русија), Хенри Виењавски (Полска), кои го сместија меѓу најзначајните виолинисти од неговата генерација.

Како солист настапувал со врвните ансамбли како што се Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на театарот Марински од Русија, Камерниот оркестар „Франц Лист“ од Унгарија, Камерата Берн од Швајцарија, Камерата Салцбург од Австрија, Филхармонијата на Прага… Настапувал со повеќе диригенти и на речиси сите значајни фестивали за класична музика, а соработува и со врвни уметници како што се Јуџа Ванг, Готје Капусон, Миша Мајски, Шломо Минц, Џулијан Рахлин, Симон Трпчески…

Негова пасија е и камерното музицирање. Основач е на реномираниот гудачки квартет „Рубикон“, а како професор постојано одржува мастер-класи во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Црна Гора, Израел… Симовиќ свири на виолина од марката „Страдивари“ од 1709 година.

Роден е во Русија, неговиот дедо е Црногорец кој таму емигрирал, татко му е од Украина, а неговата мајка е Русинка. Со семејството емигрирал од Украина во 1991 година, во најлошото време за овие простори, во време на војна, инфлација, ембарго. Посочува дека бил принуден да си замине и од Украина, каде што, исто така, ситуацијата била лоша.

Студирал на Академијата во Цетиње, а со стипендијата која ја добил од државата заминал во Москва на постдипломски студии кога почнала и неговата сериозна уметничка приказна.