Шекеринска: АРМ годинава ќе се подмлади со 375 професионални војници

Армијата на Репиблика Македонија во 2018 година ќе се подмладува со прием на 375 професионални војници, најави денеска министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, која ја посети Здружената Оперативна Команда (ЗОК).

Од јануари платата на целокупниот персонал во служба на армијата е зголемена  за десет проценти.

-Покачување навистина долги години немало и тоа покажува дека оваа Влада ќе води сметка за подобрување на животниот стандард на вработените во Армијата на РМ, а со тоа и ќе ја зголемува и подобрува борбената готовност на нашата армја, изјави министерката за одбрана.

Роковите за прием на професионалните војници ќе се спроведат сукцесивно, во три наврати, првиот рок уште во првата половина на февруари, вториот пред почетокот на летото, третиот кон крајот на годинава. Со новиот кадар се очекува да се подобри и борбената готовност на Армијата и да се понуди можност за воена кариера за младите невработени лица.

Владата, додаде, е подготвена да инвестира во подобро опремена и подобро платна армија.

-Долги години бројот на професионални војници, но и на подофицери во армијата, стагнира и се намалува. Во изминативе две години повеќе од 400 припадници на армијата: војници, подофицери, па дури и офицери, ја напуштиле армијата од различни причини и сега веќе тој недостиг е многу видлив, рече министерката.

За одлуката за прием на нови војници, обезбедени се средства од буџетот и има поддршка од Министерството за финансии. Заинтересираните треба да се информираат за критериумите и да одлучат во кој рок ќе конкурираат.

-Се покажа дека најавите кои ги кажуваме навистина не се дадени од ракав, туку се најави кои се базирани на бројки. Јас се потсетувам  на една од посетите што ги имав со министерот за финансии, во касарната во Штип, кога го најавивме првото зголемување на платите во армијата. Свесна сум дека многумина припадници на армијата не беа сигурни дали треба да веруваат или да имаат сомнеж околу таа најава, сметаа дека можеби е дадено во предизборен контекст, сметаа дека можеби е само ветување што ќе биде одложено. Денеска ми е драго што можам да го потврдам решението што го дефинира бодот во платите во армијата и што го потпишав во текот на овој месец. Решението е важечко и првата плата во 2018 година ќе биде зголемена за 10 проценти, рече министерката.

Во буџетот се предвидени средства за униформи за припадниците на армијата. Надлежните служби треба да подготват техничка спецификација за да почне процесот на јавни набавки. Министерката ги повика и текстилните компании од државата да се консултираат, да присуствуваат на презентации, со цел да се добие поквалитетна и по можност домашно произведена униформа.

На средбата во ЗОК, било разговарано за подобрување на логистиката  и капацитетите на АРМ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *