Кумар Непал: Земјата е наше заедничко живеалиште и затоа треба да ја спасиме

Земјата е наше заедничко живеалиште и за таа да се спаси, најголема жртва е потребна од нациите што произведуваат големи количини јаглерод. Решението за овој проблем секако е економско и затоа многу е битен моделот на економскиот развој кој треба да се промени бидејќи мора да се размислува за луѓето, за нивната среќа, истакна поренешниот премиер на Непал, Мадхав Кумар Непал при предавањето на тема „Иднината на светот: зелена и паметна“, што се одржа денеска на Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје.

Тој нагласи дека среќата има два аспекти, едниот е материјалниот, а другиот е духовниот, посочувајќи дека треба да се обрне внимание токму на тоа, без разлика за кој аспект станува збор и да се примени сестран развој на општеството и луѓето.

– Снеговите се топат, исчезнуваат и глечерите и ефектот од климатските промени е многу видлив на врвовите на планините. Климатските промени не влијаат само на Непал, туку ќе имаат влијание и на огромната популација на Индија и Бангладеш, но не само таму. Целата вода од Хималаите ќе се слее во морето, нивото на водата ќе се подигне и најголемо влијание ќе има врз островските земји и врз крајбрежните земји во светот. Ова е огромен и сериозен проблем и поради тоа треба да посветиме внимание и со заедничка акција да се посветиме на негово решавање, рече Непал.

Кумар Непал е еден од најголемите политичари на денешницата, меѓу другото е запаметен и по седницата на неговиот Кабинет, одржана во близина на базниот камп на Монт Еверест, непосредно пред Конференцијата на ОН за климатски промени во Копенхаген, на која сите министри носеа маски за кислород. Од оваа седница членовите на Кабинетот испратија порака за влијанието на глобалното затоплување врз Хималаите. Притоа беше донесена и „Декларација за Еверест“ која го повика светот да го минимизира негативниот ефект од климатските промени врз највисокиот врв во светот, Монт Еверест и другите планини во опсегот на Хималаите.

Поранешниот премиер на Непал е познат на светската јавност и како човек со напредни размислувања и со неговите заложби за промовирање на достоинството на Непал, социјалниот и економскиот развој.

Посебно е ценет заради неговата улога што ја одигра како архитект на мировниот процес на Непал, притоа ризикувајќи ја својата лична безбедност и политичка кариера. Тој беше клучен за решавањето на насилните и вооружени немири кои траеја од 1996 до 2006 година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *