Поранешната Влада за период од седум години на Сител, Канал 5 и Алфа ТВ им дала 25 милиони евра

Над 26 милиони евра добиле националните телевизии во земјава во периодот од 2010 до 2017 година од поранешната Влада на ВМРО-ДПМНЕ,  а 95 отсто од оваа сума завршиле на сметките на Сител, Канал 5 и Алфа ТВ.

Ова го покажуваат податоците во базата „Отворени финансии“, објави денеска Призма.

Точната сума е 26,6 милиони евра, а поголем дел од нив, над 90 отсто, поранешната влада ги дала директно од својот буџет, од ставката „други трансфери“, а министерствата и владините секретаријати придонеле со само неколку ситни проценти.

Деведесет и пет проценти од оваа сума завршиле на сметките на три национални телевизии – на прво место е Сител со исплатени 10,2 милиони евра во тој седумгодишен период,  а најмногу од парите добиле во 2015 – 1,8 милиони евра. На второ место е Канал 5 со 8,5 милиони евра, а трета е Алфа ТВ со 6,3 милиони евра, објави Призма.

Приходите на Алфа ТВ од владата нагло пораснале во 2013, годината откако телевизијата ја презема српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ. Овој медиум во 2012 добил 275.000 евра, по промената на сопствеништвото тој добил дури 1,5 милион евра или петпати повеќе.

Далеку помалку пари од првата тројка за истиот седумгодишен период добиле останатите две национални телевизии Телма и Алсат, околу 859.000 и околу 545.000 евра.

На почетокот на мандатот, владата на СДСМ објави дека власта на ВМРО-ДПМНЕ потрошила 38 милиони евра за кампањи и за пропаганда во електронските и во печатените медиуми, меѓутоа на таа прес-конференција не беа објавени сумите што секој медиум поединечно ги добил.

Во 2018 и во 2019, кога со власта управува СДСМ и коалицијата, владата и министерствата немаат трансфери кон националните медиуми. Актуелната владејачка гарнитура, пак, на почетокот од годинава, со 692.000 евра поддржа 11 печатени медиуми и најверојатно и наредната 2020 ќе има ваква помош за весниците.