Во битолскиот дел на Пелагонија завршува сеидбата на житните култури

Земјоделците од битолскиот дел на Пелагонија ја завршуваат сеидбата на житните култури. Неповолните временски услови ги забавија активностите, но деновиве, сепак, овозможија нивно интеизивирање, велат од Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството-АПРЗ со седиште во Битола.

-Земјоделците почнуваат да се навикнуваат на климатските промени, засејуваат во ноември, но и во декември, и тоа не е проблем за квалитетот на родот. Добро е што најголемиот дел од земјоделските површини сепак се засејани со житни култури. Тоа го овозможи дождот кој иако во мали количини сепак позитивно влијае врз почвата, истакна советникот од Агенцијата, Зоран Бардаковски.

Според Бардаковски, земјоделците се принудени да го менуваат начинот на пристап кон агро-бизнисот и доколку сакаат поголеми приноси ќе мора да одгледуваат земјоделски култури кои подобро успеваат на новите климатски услови.

-Земјоделците освен за традиционалните, треба да размилсуваат и за нови култури. Високите температури и сушата на долг рок ја отежнуваат обработката на земјоделските површини, а со тоа и се намалува производството на храна. Со добра едукација од нашите стручни лица, како и со компаративни анализи од странство што ги обезбедуваме благодарение на соработката со наши колеги, веруваме дека ќе создадеме услови за подобро справување со климатските промени и ќе обезбедиме поголеми приноси на житните, но и другите земјоделски култури, посочи Бардаковски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *