Кумановската општа болница доби два нови апарати

Кумановската болница доби донација од Министерството за здравство, ендоскопски столб и видео ларингоскоп, соопштија денеска надлежните од Општа болница Куманово.

Двата апарати, како што информира директорката на установата Снежана Захариева, значително ќе влијаат на подобрување на квалитетот и ефикасност на услугите што ги нуди болницата за пациентите од Куманово.

– Видео ларингоскопот е наменет за одделот за анестезија и реанимација, а лекарите ќе го користат за обезбедување на дишен пат кај пациенти под општа анестезија и кај животозагрозувачки пациенти, појасни Захариева.

Кумановската болница веќе имала ендоскопски столб кој најчесто го користеле за лапароскопски операции на жолчно ќесе, за гинеколошки лапароскопоски интервенции, за артоскопски интервенции кај пациенти на ортопедија.

– Новиот столб е софистициран, со подобра и попрецизна визуелизација. Наша придобивка е што истовремено во две операциски сали ќе можат да се вршат лапароскопски операции, наместо да се чека и еден апарат да се пренесува од една во друга операциона сала, изјави Захариева.

Општата болница Куманово обезбедува услуги за приближно 200.000 пациенти од општините и населените места од североисточниот регион.