Државната секретарка за европски прашања на Франција Амели де Моншалан ја искористи приликата пред Националното Собрание, каде се дебатираше за Предлог-законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, уште еднаш да ги објасни француските позиции за проширувањето на ЕУ, јавува дописникот на МИА.
Според Моншалан, европската перспектива на Северна Македонија, како и на сите земји од Западен Балкан беше призната на самитот во Загреб и во Солун и земјата беше призната како кандидатка во 2005.
– Сакам да кажам дека европската перспектива, тој марш кон членството не е доведен во прашање, туку напротив, рече таа пред Националното собрание.
Законот на министерот за Европа и надворешни работи за ратификација на Протоколот за членство на Северна Макеоднија во НАТО, изутрината беше прва точка на дневниот ред на Француското национално собрание, кое по расправата во која учествуваа претставници на сите политички групи даде зелено светло за ратификација.
Со голем број на гласови, освен тие на комунистите и Непокорна Франција, најмногу поради идеолошки причини, Француското национално собрание го усвои законот за ратификација на Протоколот.
Во воведниот збор француската државна секретарка за европски работи, Амели де Монтшалан нагласи дека „Скопје секогаш давало потврда за постојаност во својата надворешна политика, ориентирана кон Европа, Европската Унија и НАТО“.
Во дебатата која траеше повеќе од еден час, речиси сите учесници ја истакнаа геостратешката положба и значење на Северна Македонија за Балканот и Европа и нејзиното определување за евроатлантските интеграции, за што се направени големи жртви, како промената на името на земјата.
Пратеничката Фредерик Дима, потсети дека како филмски продуцент работела со Милчо Манчевски на филмот Пред дождот, и за тешкотиите филмот да се запише под името на земјата, во 1993 година.
– Сакам со ова да потсетам колку беше тешко да се најде согласност за името Северна Македонија, кое допира во идентитетот на народот, тоа беше долго и тешко. Последиците од Договорот од Преспа беа одлучувачки за Грција, на изборен план владата претрпе пораз директно поврзан со оваа одлука. Од друга страна македонското население исто така има чувство дека беше распродаден нивниот идентитет, рече Дима.
Таа понатаму потсети на референдумот за промена на името, при што изрази надеж дека предностите од скорешното членство во НАТО ќе придонесат за намалување на негативните чувства, но тоа, како што наведе, треба директно да биде видливо од населението, како што беше посочено во извештајот од Сенатот, кој го усвои предлог законот за ратификацијата на Договорот на 17 октомври, односно дека членството во НАТО ќе има директно влијание и за странските инвестиции во земјата.
Дебатата и гласањето во Француското национално собрание, од собраниската галерија ја следеше и македонската амбасадорка во Париз, Јадранка Чаушевска-Димов.
Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, според објаснувањето дадено во законот од француското министерство за Европа и надворешни работи, ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на Алијансата како целина.
Франција, стои во усвоениот закон, ќе остане особено будна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на сопствените вредности на земјите-кандидатки и нивниот придонес за безбедноста на евроатлантската област.