Макрадули: Субвенции за инвертери до крајот на годината

Субвенциите за инвертери предвидени за граѓаните ќе се доделуваат до крајот на годината, потврди денеска заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, посочувајќи дека тоа ќе го направат на најдигитален начин, односно да не учествува човекот во можноста за одлуките.

– Административните процедури се такви долги во процесот на јавни набавки. Не барам оправдување, но за одредени ситници паднаа неколку пати повиците и затоа се доцнеше во тој дел, рече Макрадули.

Тој информира дека во буџетот има неколку ставки што придонесуваат за борбата со загадувањето.

– Во планот за чист воздух има 1,6 милиони евра, има дел што се однесува на гасификацијата, тоа е 24 милиони евра, има дел што се однесува на Министерството за економија на енергетската ефикасност и во МОН што придонесуваат за намалување на аерозагадувањето, делот на водоводите и канализациите инвестициите се од прилика 50 милиони евра и се разбира пречистителната станица во Скопје – 120 милиони евра, ќе придонесе за намалување на загадувањето, рече Макрадули.

Наведе дека средствата за студентскиот дом „Кузман Јосифовски“ да се приклучи на централно греење ги префрлиле уште кон крајот на август до студентскиот центар.

– Таа одлука сме ја донеле, проектот ние го изработивме, даден е проектот таму. Одговорноста можам да ја споделам и за луѓе и за активности што не се во мојот домен, бидејќи тоа е нешто што го ветивме. Споро оди тој процес, се сложувам, но она што е најважно во делот од зимата тоа ќе биде решено, рече Макрадули.

За во ОХИС вели дека резултатите што се направиле саботата наутро таму покажале дека нема загадување во воздухот, но оти сите податоци одат преку МВР и Обвинителството и кога ќе дојдат сите податоци до Комисијата што постои во рамки на Инспекторатот таа јасно ќе си донесе одлука.

АД ЕСМ ќе одвои 10 милиони евра односно 618 милиони денари за имплементирање на еколошка мерка за субвенции за набавка на инвертер клими за домаќинствата во Скопје, Битола, Тетово и Кичево, како најпогодени од загадениот воздух, кои се греат на дрва, јаглен и фосилни горива со висока емисија јаглерод диоксид и штетни ПМ честички, како што е нафтата.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференција информираше дека оваа мерка ќе опфати најмалку 10 илјади домаќинства и тоа во Скопје 5.200, во Битола 2.500 домаќинства, во Тетово 1.500 и во Кичево 800 домаќинства. Предност ќе имаат домаќинствата со месечни примања до 30 илјади денари.