Градоначалниците од истокот го поздравуваат носењето на новиот Закон за легализација

Градоначалниците од Источно планскиот регион немаат точна статистика колку дивоградби ќе се легализираат со новиот Закон за легализација на дивоградби, што Владата го најави дека за две недели треба да го имаат како Предлог закон.

Руралните општини од овој регион се уште имаат не решени предмети од претходниот закон. Градоначалникот на Општина, Карбинци, Јордан Насев вели дека најголем проблем на мaлите општини им е носењето на урбанистички планови. Во моментов оваа општина нема урбанистички планови, со кои на жителите ќе им овозможат да градат куќи на легален начин. Смета дека најголем проблем на малите општини е што немаат доволно стручни луѓе кои ќе работат во овој сектор.

– Можеби се должи на не доволно капицитетност, не доволно вработени луѓе што работат на легализацијата. Во моментов имаме околу 600 предмети, кои се не одлучени и јас се надевам дека согласно постоечката законска регулатива, тие дивоградби ќе се легализираат, вели Насев.

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски смета дека со новиот Закон за легализација освен што комерцијалните објекти, кои се градени на диво ќе добијат имотни листови, конечно ќе се реши и проблемот со општинските згради, училишта и државни инстутуции, кои поради нерешена документација се водат како дивоградби.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски смета дека она што е важно е што со новиот Закон за  легализација нема да биде едно евро за квадрат, и ќе се плаќаат 100 проценти комуналии, плус 50 отсто казна, а градоначалниците од Министерството за транспорт и врски побарале прецизно одредување на времето во кое еден објект е изграден и строго дефинирање на зоните забранети за градба. Многу е важно што со новиот закон е предвидена легализација на целокупната подземна мрежа.

Градоначалниците од Источно планскиот регион на оваа тема пред новинарите говореа по одржаната седница на Советот на градоначалници во Штип, а на која едногласно за нов претседател на ова тело беше избран градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.