Заев не ја коментира Русковска, за ветингот во судството вели дека е неопходен процес

Премиерот Зоран Заев не сака да ја коментира вчершната најава на обвинителката Вилма Русковска дека ќе бара финансиска истрага за судиите во Апелацискиот суд кои ја пуштија поранешната сепцијална јавна обвинителка Катица Јанева во куќен притвор.

-Не коментирам за обвинителката Русковска. Прибе во својот извештај вели политичарите да избегнуваат коментари за одредени постапки на судии, обвинители, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по денешната промоција на веб платформата „Отворени финансии“.

Премиерот Заев повтори дека ветинг ќе има за судовите и обвинителствата, бидејќи тоа е неопходен процес што мора да се случи.

– Нашиот народ очекува протресување на судии, обвинители, политичари, директори… Тоа треба добро да се организира. Поучени од искуството од Албанија треба да знаеме дали сме подготвени, да се анализира за да не останеме без судии и обвинители. Ветигот е наша обврска како општество. Не мислам дека политичарите не треба да го спроведуваат ветингот. Мора да се помине низ тој процес. Во иднина очекуваме низ поглавјата да имаме трансформација на нашето општество. Мора да се протресеме сите, да се знае дека ако сме влезени да и служиме на државата, треба транспарентно да ги дадеме сите наши податоци и за нашето семејство за да го отстраниме личниот интерес, рече Заев.

Посочи дека имал и политичко ветување за реизбор во правосудството. – Аргументите беа дека немаме доволен резервоар при евентуално анулирање на одредени судии и обвинители. Ако се случи стотина да не можат да го поминат ветингот, немаме како да го пополниме тоа. Ние по систематизација во правосудството имаме 750 судии, а во моментот има 520. И ако се случи стотина да не може да го поминат ветингот ние немаме од каде да ги надополниме тие стотина, а не пак другите 200. Академијата има „тесно грло“ и не продуцира многу луѓе, рече Заев.

Верувам, додаде тој,  дека имаме квалитетни кадри со над пет години искуство, адвокати, универзитетски професори…

Премиерот Заев рече дека во врска со овој процес има позитивни сигнали и од опизицијата и оти се надева дека наскоро ќе се реализира.