ВМРО-ДПМНЕ: Законот за стечајците е паушален и не го решава проблемот

Законот за материјално обезбедување на стечајните работници кој помпезно беше најавен пред локалните избори од страна на СДСМ е голема пред изборна измама. СДСМ свесно остави надвор од законот без решен статус над илјада стечајни работници.

Овој закон е фаличен, со истиот не се опфатени стечајците под 15 години стаж, ниту пак лицата кои останале без работа пред 1995 година. Поради временската граница се оставени над 1.500 луѓе со нерешен статус, иако поголем број од нив имаат и по 20 или 25 години стаж.

Покрај фаличноста на законот, со истиот СДСМ го прекрши и член 8 од законот со тоа што Владата на Република Македонија нема доставено список со лица и фирми до АВРМ.

Дека законот е донесен заради популизам говори и фактот што власта го донесе законот без никаква претходна анализа, а бројките и пресметките опфатени во истиот се паушални и неточни. Имено во образложението на законот пишува дека 3.000 лица ќе бидат опфатени, а во реалноста бројот на лицата е неколкукратно поголем.

Моментално над 15.000 барања од стечајците поднесени до АВРМ се неодговорени и чекаат на откочување на постапката, додека власта нема донесено ни 1000 решенија, за кои не се ни знае по кои критериуми и методи се изготвени.

Овие луѓе кои се жртви на транзицијата која СДСМ ја спроведе чекаат решавање на својот статус. Овие луѓе кои се дел од 200.000 работници оставени на улица во времето на СДСМ не смеат да останат измамени.

Почитувани,

Барањата на граѓаните не се одговараат согласно роковите на управна постапка. Дополнително електронскиот систем на АВРМ е поставена забрана за изготвување на негативни решенија што повлекува и кривична одговорност за директорката.

СДСМ го донесе овој закон заради краткотраен пред изборен популизам. Истиот е паушален и не го решава проблемот на стечајците. Самиот рок кој беше предвиден од една година за поднесување на барањата беше со цел предизборна манипулација и лажно подгревање на надеж на граѓаните.

Граѓаните сега го гледаат целото лицемерие на власта. Лагите со кои се служеа за предизборна манипулација веќе излегуваат на површина. Доколку ВМРО-ДПМНЕ управуваше со владата веќе одамна ќе имаше неколку мерки за оваа категорија на лица и нивниот статус ќе беше решен. Имено во време на ВМРО-ДПМНЕ со законите од 2008 и 2014 година беа обезбедени 4.300 стечајци, а преку мерките за вработување беа отворени над 170 илјадни работни места.