Македонскиот дипломатски синдикат денеска изрази загриженост поради објавувањето на 21 интерен оглас за упатување дипломати во дипломатско – конзуларните претставништва (ДКП).
Според Синдикатот, конкурсот се распишува во сензибилен период кога веќе е договорен датум за предвремени парламентарни избори со што се отвара простор за политичка злоупотреба на редовниот циклус на ротација во дипломатско-конзуларните претставништва.
– Со оглед на законски предвидената должина на целокупната процедура за упатување дипломати во странство, сосема извесно е дека постапките длабоко ќе навлезат во транзитните 100 дена на таканаречената “Пржинска Влада”, што дополнително ќе го компромитира комплетниот процес на донесување одлуки. Оттаму, оправдани се стравувањата и сомнежите на вработените во МНР дека се можни силни политички влијанија во изборот на кандидатите и партиски „клуч“ при кадровските решенија
во облик на подобни имиња во стратешките центри како Вашингтон и Берлин, амабасадите во Хаг и Атина, како и мисиите при Европската Унија, НАТО и Обединетите Нации, велат од Синдикатот.
Зачудени се што министерот Димитров се решил на ваков чекор и очекуваат тој самиот да побара стопирање на огласите до завршување на изборите.