Мицкоски: Реверзибилниот процес за членство во ЕУ може да биде од објективни, но и од субјективни причини

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека нон-пејперот што го предложи Франција за нова методологија за членство во ЕУ е само рамка, а оти допрва треба да се уреди суштината, по што ќе се знае каков ќе биде новиот процес на зачленување во Унијата.

Се уште, вели Мицкоски, не се знае колку ќе трае усогласувањето и дебатата за тоа внатре во ЕУ. Од она што се знае, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е дека ќе има реверзибилен  процес, кој, според него, може да биде добар ако е објективен но и лош ако е од субјективни причини на некои земји членки.

-Ние сега имаме само рамка која дополнително треба да се доуредува што значи дека ќе почне процес на внатрешна дебата во ЕУ. Кога тој процес ќе заврши не знаеме дали оваа, следната или годината потоа.  Да претпоставиме дека во најскоро време ќе биде утврдена и суштината и имаме методологија. Тоа значи дека ние ќе имаме реверзибилен процес, што не беше случај порано. Со нова методологија во секое време ќе може да се наврати ЕУ на некое поглавје. Реверзибилниот процес може да биде од објективни причини доколку не сте добри и не го испорачувате тоа што сте го договориле или од субјективни ако некои земји членки испорачаат кон вас некои субјективни барања кои вие во тој момент не сте подготвени да ги прифатите, како црвени линии и слично, тогаш тие секогаш ќе бидат во можност да ве вратат назад во тој реверзибилен процес од почеток, рече Мицкоски.

Се надевам, додаде тој, дека тоа нема да биде случај со Македонија и оти тоа што ќе го договориме со затворање на поглавјата ќе го почитуваме, како што ќе го почитуваат и сите земји членки.

Во врска со ветингот во правосудниот систем, Мицковски на денешната прес-конференција истакна дека искуството покажува оти тие што го примениле овој процес немале позитивни резултати, како што е случај со Албанија.

-Суштината е како да обезбедиме независно судство и независно обвинителство. Вие не можете да обезбедите независно судство ако премиерот се дрзнува да интервенира кај коалицискиот  партнер да ургира кај определени судии, обвинители за определени пресуди  или определени кадровски одлуки. Ветингот тоа не може да го спречи, туку треба вие како голем политичар, како висок политичар во државата да сте свесни дека таков начин на однесување не е примерен и не треба да се случува, рече Мицкоски.

Според него, треба да обезбедиме структурни реформи кои ќе донесат навистина  реформирано судство и реформирано обвинителство.

-Потребно е тоа да го направиме ние како  политичари, да се оградиме од било какви влијанија кои потенцијално во иднина ќе ги направиме, да понудиме методологија, а потоа да понудиме и  спреги и кочници коишто  ќе вршат мониторинг  на работењето на обвинителите  и судиите. Тука голема работа и помош треба да очекуваме од невладиниот сектор којшто континуирано ќе ја моноторира работата  на обвинителите и судиите, рече Мицкоски.

На прашање за активностите на Уставниот суд со кои наводно се сака да се спасат од затвор поранешни министри од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека одговор треба да се побара од претседателот на Судот и неговите членови, но и од премиерот Зоран Заев.

-Јас немам ваши или мои, или било какви судии, дури и не ги ни познавам тие луѓе лично. Ниту пак некогаш во животот сум имал можност да ги запознаам. Но, мислам дека поконцизен одговор на вашето прашање може да даде претседателот на Владата. Зошто токму сега и зошто токму вака на брза лента се става ова прашање да го одлучуваат уставните судии? Можеби Министерството за правда не е информирано за тоа како и што се случи за овој случај да биде на дневен ред за одлучување на некоја од седниците на Уставниот суд, рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање за во врска со одредени прераспределби и систематизации во МВР, Мицкоски истакна дека тие се резултат на стравот на владејачќата партија од изборите и како што рече, одговорноста што следува потоа.

-Доколку Зоран Заев, Оливер Спасовски, СДСМ знаат дека воделе чесна честита политика  биле искрени со граѓаните  тогаш немаат потреба од вакви гимнастики  во МВР  да го опструираат работењето на техничкиот министер  којшто ќе го предложи опозицијата, нема од што да се плашат ќе завршат изборите, бидејќи работеле чесно, честито, тогаш претпоставувам ќе  очекуват да им подадеме рака  да им ја честитаме победата итн. но реалноста е сосема спротивна. Уплашени се, а јас го гледам тоа во нивните очи, рече тој.

Овие активности во МВР, според него имаат за цел и за да може да се опструира работењето на идниот технички министер што ќе го предложи опозицијата.