Конференција: Има простор за унапредување на правата на Ромите

Не е можна интеграција во ЕУ без да се решат предизвиците со кои се соочува ромската заедница, беше потенцирано на денешната национална конференција „Проценка на напредокот на РСМ во спроведување на јавните политики кон ромската заедница”.

Ромите се уште се соочуваат со проблеми во четирите клучни области – образование и наука, домување, здравство и култура, и покрај преземените мерки, активности и зголемување на буџетот за нивно спроведување. Тие реагираат и на малата застапеност во јавната администрација, како и на многу малиот број раководни места кои ги пополнуваат лица од оваа заедница.

– Ние како Министерство се трудиме да ги вклучиме Ромите во сите политики што ги креираме се со цел да добиеме едно општество кое што ги идентификува и се труди да ги интегрира сите граѓани. Социјалната реформа директно влијание на подобрување на квалитетот на сиромашните граѓани, но ако одиме по одредена градација ќе видиме дека голем процент од ромското население ни е опфатено со реформата, посебно со детскиот и образовниот податок. Дополнително работевме на вклучување на децата Роми во градинка, кое што порано беше одредено со проектно решение, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа појасни дека сега локалните самоуправи преку дотација што ја добиваат од Буџетот ќе треба да ги финансираат овие дечиња и да обезбедат резервирани места во градинките во градови каде што има ромско население се со цел, како што рече, да се овозможи еднаков старт на сите деца во нашето општество.

Според неа, во интерес на ромската заедница е и Законот за лица без документи, кој го решава прашањето на т.н. фантоми, или лица без документи, со што тие ќе ги остварат своите социјални, здравствени и образовни права.

Министерот без ресор Музафер Бајрам вели дека е направено доста во посочените четири области, како и дека годинава е обезбеден поголем буџет за оваа цел, кој е зголемен за 100 отсто, од 20 на 40 милиони денари.

– Голем и горчлив проблем на Ромите е вработувањето. Само 1,3 проценти Роми се вработени во државната администрација, а три четвртини работат на ниски работни позиции. Многу мал дел од вработените Роми се носители на раководни позиции. Значи, немаме раководители на раководни позиции, така што тоа е многу поразително, рече министерот Бајрам.

Лошата застапеност на Ромите во јавниот сектор, според Суад Скендери од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, е поради балансерот како алгоритам што помага за распоредување на местата во јавните претпријатија. Овој алгоритам, рече Скендери, нанесе штета на ромската заедница која е застапена со 1,3 наместо со 2,6 проценти. Се надевам дека оваа неправда ќе биде исправена, нагласи Скендери.

Тој смета дека малата застапеност и малиот број раководни места, не се резултат на лошата образовна слика кај оваа етничка заедница. По последниот попис, кој е од 2002 година, се укажуваше дека Ромите не се доволно едуцирани и квалификувани, но нашите анализи покажуваат дека има подтвотвен кадар, додаде Скендери.

– Ромалитико ги поздравува напорите на министерствата, односно на Владата, иако секако се уште постои простор за унапредување на четирите главни теми – образование, здравство, домување и култура. Тие се четирите области. Доброто е во тоа што оваа Влада покажува сигнали дека сака тоа да го имплементира, односно да го зголеми буџетот за Роми, рече Скендери.

Тој побара покрај зголемување на буџетот да има и целосна искористеност на средствата, кои се предвидени за унапредување на состојбата на ромската заедница.

Конференцијата се одржа во организација на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико и во рамки на проектот „Граѓанско општество за интеграција на Ромите 2020“, поддржан од Канцеларијата за ромски прашања при Фондацијата Отворено Општество, Берлин.