Ние сме предводници и на концептот 50-50 на застапници на жените во политиката, не како бројка, туку како суштина, како квалитет. И кога, ако не денеска, да кажам дека ме имате на ваша страна. На следните изборни листи СДСМ ќе има 50-50, целосна еднаквост , соопшти лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на денешната трибина на Форумот на жени на СДСМ под мототото „20 години чекориме на патот на еднаквоста“.
Тој истакна дека е потребно целосно спроведување на Истанбулската конвенција, да има повеќе жени на раководни позиции.
– Пред 20 години бевме амбициозни кога баравме квоти за застапеност, но успеавме. Затоа и денес ве повикувам да продолжиме да бидеме амбицизони, дека имаме цел која се уште не е остварена ама е достижна. Да продолжиме да бидеме амбициозни, повторно да бидеме први и да ја оствариме 50-50 застапеноста. Да бидеме први повторно, затоа што немаме време за чекање. Затоа што е срамота што нашите млади колешки треба да минат низ истите стереотипи, кал и обвинувања низ кои минувавме и ние пред 10 години, порача заменик-претседателката на СДСМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Координаторката на Форумот на жени на СДСМ Снежана Калеска Ванчева истакна дека жените-социјалдемократки сакаат општество во кое рамноправно, без дискриминација ќе се креираат сите политики и ќе се обезбеди безбедно хумано општество на насмеани лица.
– Во годините кога во земјата почнаа да се уназадуваат правата на жените, Клубот на жени на СДСМ, беше предводник на борбата за унапредување на положбата на жените, застанавме во одбрана на правото на жената да одлучува за своето потомство и за своето тело. Тоа го иправивме кога дојдовме на власт, нагласи Калеска Ванчева.
Таа, обраќајки им се на жените на трибината, рече дека тие секојдневно мора да се бранат од различна пропаганда, во која првично се суди на изгледот на жената, а потоа на суштината.
– Бевме, сме и ќе останеме лидерки, двигателки на сите демократски промени во општеството и ќе се движиме се побрзо кон целта, зошто не сме сами, чекориме по патот на еднаквоста, заедно, заклучи Калеска Ванчева.