Јане Велковски, 11-годишен застапник за деца со попреченост ќе зборува во ОН во Њујорк

На овогодишниот Светски ден на детето, единаесетгодишниот застапник за деца со пореченост од Северна Македонија, Јане Велковски, ќе му се придружи на УНИЦЕФ на глобалниот самит во Обеднитети нации во Њујорк, каде деца и млади ќе побараат да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.

Како што соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Самитот на УНИЦЕФ е дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на детето кој се совпаѓа со 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, најшироко ратификуваната спогодба за човекови права во историјата.

– Навистина сум многу возбуден затоа што ова е огромен настан. Но, истовремено сум многу среќен затоа што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост може да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не може да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот, изјави Јане Велковски.

Тој ќе учествува во интерактивниот дел во кој ќе бидат претставени деца – застапници, ќе има креативни елементи, музички настапи и учество на амбасадори на добра волја, а ќе зборува заедно со други четири деца за време на панел дискусијата насловена „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.

– Јане е инспирација за сите нас и пример што може да постигнат децата ако им се даде фер шанса. Многу сме горди што токму тој ќе ја сподели својата порака со светските лидери. Тој ни покажува дека, како и секое дете, децата со попреченост со себе носат потенцијал за среќен, исполнет живот, витално учество во заедницата и давање свој придонес за да изградиме инклузивни и одржливи општества за сите, рече Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ. 

Заедно со Владата и во партнерство со Делегацијата на Европската унија, УНИЦЕФ во Северна Македонија организира низа активности за да ја одбележи 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето. Училиштата низ целата земја се вклучени во активностите околу „Најголемата лекција на светот“ и ја пишуваат “Иднината на детството“. Над 1.300 деца испратија свои креативни дела кои ќе бидат дел од настанот на високо ниво во Владата „За децата, од децата“.