Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваните нерезидентни амбасадори за Северна Македонија на Летонија (со седиште во Прага) Гунта Пасторе, на Луксембург (со седиште во Луксембург) Филип Донкел и на Ирска (со седиште во Букурешт) Пол МекГери.
Како што соопшти МНР, министерот на засебните средби им посака срдечно добредојде на новоименуваните амбасадори и успех во вршењето на функцијата. Исто така, беа разменети мислења околу повеќе актуелни теми, со акцент на европските аспирации на Северна Македонија, најновиот развој на внатрешно – политичките состојби во земјата и следните чекори по октомврискиот Европски совет.
– Министерот Димитров се заблагодари за континуираната поддршка која доаѓа од трите пријателски земји за нашиот евроинтегративен процес, изразувајќи очекување дека и во претстојниот период ќе продолжат нивните гласни заложби за постигнување на консензус во Советот на ЕУ за одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија, стои во соопштението.
На средбите беше изразено и задоволство од досегашниот развој на билатералните пријателски односи на Северна Македонија со секоја од поединечните земји, а воедно и истакната посветеноста за натамошно продолжување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес.
Летонската амбасадорка Гунта Пасторе воедно, ја реафирмира поддршката на латвиската Влада во полза на започнување на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, како и за продолжување со нашите реформски определби.
Амбасадорот на Луксембург, Филип Донкел меѓу другото изрази задоволство од можноста при вршење на новата функција да даде свој придонес во гласната и недвосмислена поддршка од неговата земја за давање „зелено светло“ од ЕУ за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија. Воедно пренесе подготвеност и за поконкретни видови на соработка и техничка поддршка во реформски ЕУ области.
Амбасадорот Пол МекГери изрази задоволство од приликата лично да придонесе во зајакнување на македонско-ирското пријателство, акцентирајќи го потенцијалот кој постои за натамошно продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес. Дополнително, ја повтори поддршката на ирската Влада за постигнување напредок во процесот на приближување на Северна Македонија кон ЕУ семејството, со оглед и на нивното сопствено искуство и уверување во позитивната трансформативна моќ на ЕУ членството .