Иницијативата од Охрид и Нови Сад во врска со т.н. Мал Шенген ја разбираме како активност што се развива, која е нужна и која треба да се разгледа, изјави синоќа генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), Мајлинда Брегу.
– Регионалната соработка има смисла кога нејзината конечна цел е интеграција во Европската унија. Со оглед дека суштината на процесот е поврзување на пазар и луѓе, веруваме дека секоја иницијатива која има за цел решително отстранување на пречките во нашиот регион е нужна и треба да се разгледува, прецизира Брегу.
Наведувајќи дека РСС добивал многу прашања во врска со состанокот во Охрид и нивната улога во целиот процес, Брегу потсетува дека сите шест земји од регионот уште во 2017 се обврзале на градење на заеднички економски простор, а дека во јули годинава на самитот во рамките на Берлинскиот процес, РСС изнел предлог за спогодба за патување со лична карта во целиот регион.
– Свесни сме дека билатерално ова е тешко да се оствари, но сите заедно успеавме во договорот за намалување на цените на роамингот кој беше потпишан од сите шест економии. Таа политичка волја може да се повтори“, изјави Брегу.