Утврдени приоритетите на полошките општини и централната власт за инфраструктурните проекти

Владата на Република Северна Македонија вечерва ја одржа својата редовна 165-та седница во Тетово, како втора од утврдените 10 седници што во наредниот период еднаш месечно, ќе се одржуваат во десет различни региони во државата.

Претседателот на Владата, Зоран Заев ја отвори седницата со централната точка на дневниот ред: Информација за состојбите и извршените посети во општините Тетово, Гостивар, Јегуновце, Врапчиште, Боговиње, Брвеница, Теарце и Желино.

Премиерот Заев се заблагодари до Општина Тетово и до градоначалничката Теута Арифи што за оваа цел ја отстапија салата за седници и ја овозможија логистиката за одржување на седницата.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Владата Заев на почетокот на седницата во целост:

„Им благодарам за присуството и на градоначалниците од овој регион, од општините Гостивар, Јегуновце, Врапчиште, Боговиње, Брвеница, Теарце и Желино.

Вашето присуство вечерва тука е исклучително значајно за да ги добиеме информациите од интерес на граѓаните од нивните заедници од прва рака, и согласно тоа да ги димензионираме нашите идни политики и одлуките за проекти кои може да се реализираат заедно со централната власт.

Оваа наша цел можеме да ја оствариме и врз основа на искуствата од бројните проекти што ги реализираше централната власт и што се од посебен интерес на граѓаните од полошкиот регион.

Таква инвестиција е изградбата на гасоводот на делницата Скопје-Тетово-Гостивар во должина од 76 километри, вреден 29 милиони евра. Целосно ќе биде изграден во 2020 година кога ќе го доведеме гасот до граѓаните и компаниите во Гостивар и Тетово со што значително ќе се намалат на трошоците на граѓаните и ќе биде од огромен придонес за намалување на аерозагадувањето.

Ја завршивме изградбата на филтер станицата на водоснабдителниот систем во Тетово со што градот сега се снабдува со квалитетна вода.

Заврши и рехабилитацијата на регионален пат Тетово-Попова Шапка во должина од 18,2 километри, инвестиција вредна 1,7 милиони евра и се подобри пристапноста до скијачкиот центар Попова Шапка за сите посетители.

Го рехабилитираме регионален пат Гостивар-Колари-Кичево и извршивме реконструкција на 5 мостови на оваа делница, и на патот до Охрид ја подобруваме безбедноста на сообраќајот за сите возачи.

Со изградбата на водоснабдителниот систем на Општина Желино, создадовме услови за поврзување на 18 населени места во општината.

Во интерес на граѓаните спроведовме градежни работи и опремивме повеќе детски градинки во Општина Боговиње, во Општина Брвеница, во селата Неготино и Добридол во Општина Врапчиште, во село Прељубиште во Општина Јегуновце, како и во Тетово и Теарце.

За Гостивар во тек е изработката на проектот, а во селата на Општина Гостивар Равен и Форино се отворени центри за ран детски развој, исто како и во тетовските села Бродец и Гајре.

Министерството за труд и социјална политика отвора канцеларии Во 7 населени места во Полошкиот регион. Овие канцеларии се oд суштинско значење за граѓаните од руралните средини бидејќи директно ќе може да поднесуваат документи и да се информираат за остварување на правата од социјална заштита.

Вакви канцеларии се отвораат во: Боговиње, Брвеница, Гостивар, Јегуновце, Теарце и Желино.

Преку проектот за подобрување на општински услуги, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка и ЕК, одобрена е техничката документација на Општина Тетово за набавка на автобуси.

Во март 2019 завршена е изградбата на ново училиште во село Гургурница, Општина Брвеница.

Министерството за финансии склучи договор за заем со Општина Тетово за „Изградба на дел од булевар Видое Смилевски Бато“ во Тетово во рамки на МСИП проектот.

Преку ИПА грант, министерството за финансии намени средства за набавка и инсталација на фотоволтаични системи во јавни општински објекти. Во Општина Тетово беа инсталирани фотоволтаични системи со вкупна моќност од 45kW на Филтер станицата за водноснабдителен систем, на Општинското основно училиште „Ѓерѓ Кастриот Скендербег“ во село Порој Средното училиште“7-ми Март“ во Тетово.

Со средства од Програмата за подобрување на општински услуги се финансира изградба на две филтер станици во село Неготино и с ело Добри дол во вкупна вредност од 31,1 милион денари за снабдување на квалитетна вода за 5223 лица од Добри Дол, 1383 од Топлица и 3673 од Неготино.

Преку програмите на Министерството за култура е поддржано формирањето на новата национална установа-Гостиварски театар. Во тек се првите вработувања, а колку што сум информиран се работи и на првата премиера.

Во завршна фаза е карабината на нов објект во Тетово „Културно-образовен центар“ со нов театар и библиотека, а пред една недела беше положен камен-темелник за изградба на дом на култура во село Камењане во Општина Боговиње.

Од програмите за заштита на културното наследство во тек се истражувањата на Ѓоновичко кале, каде активно работат екипи од Конзерваторски центар – Гостивар, а привршија и подготовките за започнување на непосредни активности за заштита и конзервација на влезната партија на Тетовското кале.“

Во продолжение на седницата говореа градоначалниците и претставниците на општините од овој регион и беа утврдени насоките за остварување на тековни проекти кои се реализираат во соработка на локалните и централната власт и се презентираа идните приоритети кои главни се однесуваат на инфраструктурните проекти во патната мрежа, во образовните институции, како и во проектите за водоснабдување, канализационите системи и депониите за обработка на отпадот.