Владата го утврди буџетот за наредната година, оценувајќи го како реален со реални проекции, фокусиран на човечкиот капитал, со зголемени плати, пензии и капитални инвестиции на ниво од 23 милијарди денари. Тежи 3,898 милијарди евра и има раст од пет отсто во однос на претходната година. Приходите се проектирани на 3,615 милијарди евра и раст од 5,6 отсто и дефицит од 2,3 отсто од БДП.
Предлогот, кој ќе биде испратен на усвојување во Собранието, го претставија на прес-конференција премиерот Зоран Заев и министерката за финансии Нина Ангеловска.
– Во средиштето на вниманието кога се креираат политиките се граѓаните и растот на стандардот, а политиките во наредната година ќе бидат посветени на поддршка на потенцијалот за раст и за грижа за секој граѓанин, порача премиерот, истакнувајќи дека е водено сметка секој денар на граѓаните да биде најдобро и најпродуктивно искористен.
Министерката Ангеловска го оцени како реален предложениот буџет за наредната година.
– Причината поради која поддршката на човечкиот капитал е во фокус, односно вложување во граѓаните и создавање подобри услови за живот, е предизвикот со кој сме соочени како земја: да го задржиме и надградиме нашиот човечки капитал. Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст. Свесни сме дека како земја според индексот на човечки капитал, кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот. Добар буџет е оној буџет што ги адресира приоритетите – а приоритет за раст и напредок на земјата е човечкиот капитал, рече министерката за финансии.
Вкупно 154 милијарди денари ќе се инвестираат во здравството, образованието и социјалната заштита, што е 64 отсто од вкупните расходи или зголемување за околу 10 милијарди во однос 2019 година.
Предвиден е раст на платите, раст на вработеноста, социјална заштита на ранливите категории, раст на бруто-инвестициите…
Платите ќе растат во здравството од јануари, во образованието исто така од јануари, а се предвидува и подобрување на стандардот на возрасните лица за 700 денари и заедно со постојното усогласување ќе биде вкупно 850 – 900 денари.
Капиталните расходи се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а ќе се трошат за интензивирање на инфраструктурните проекти, за вложување во патна и железничка инфраструктура, енергетска и комунална инфраструктура, капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образованиот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Пет милијарди денари се планирани за вложување во енергетската и комуналната инфраструктура и управување со отпад…
Проектирани се пари и за аерозагадувањето – 100 милиони денари, што, како што беше посочено, не се вкупни средства бидејќи дополнителни средства има во одделни министерства и 10 милиони евра во буџетот на ЕСМ, а набавка на еколошки инвертери за 10.000 домаќинства.
Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од годинашните 2,5 отсто, во согласност со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на сите меѓународни организации.
Дефицитот изнесува 17,385 милијарди денари.
Растот на БДП е проектиран на 3,8 отсто, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и инвестициите – јавни и приватни.
Предлог-буџетот за наредната година ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека ова е најголем буџет во историјата и дека власта планира да потроши 3,9 милијарди евра на популистички и неразвојни програми.
– Буџет од 3,9 милијарди евра, а ниту денар повеќе за капитални инвестиции, ниту денар повеќе за развој. Буџетот на Заев е најнеразвојниот буџет што Македонија некогаш го имала, рече Никола Мицески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
|
||||
|