МАНУ одбележа еден век од раѓањето на академик Димитар Митрев

Човек со неверојатен талент на публицист и врвен полемичар кој има огромен придонес во теоријата и историјата на литературата – рече претседателот на МАНУ Таки Фити за основоположникот на македонската книжевна критика, академик Димитар Митрев,  за кого Академијата денеска организираше свечен собир по повод 100 години од неговото раѓање (1919-1976).

Димитар Митрев бил член на МАНУ од нејзиниот прв работен состав во 1967 година. Еден е од основачите и на Друштвото на писателите на Македонија, во неколку наврати негов претседател, декан на Филозофскиот факултет и ректор на Скопскиот универзитетет. Митрев е автор на 15-ина есеистички трудови, бил критичар, есеист, полемичар, антологичар, фељтонист.

-Добрите познавачи на неговото дело ќе речат дека тој бдееше над судбината на македонскиот народ, го објаснуваше неговото минато, ја обмислуваше сегашноста и размислуваше за иднината на македонскиот народ. Тој бдееше и над книгите и сите се согласни дека со својот критички, категоричен збор, со својата елоквенција, силно влијаеше врз развојниот процес на македонската литература. Поради сите негови заслуги, на комеморативната седница по повод смртта на академик Митрев, академик Блаже Конески ќе рече: „Митрев е веќе во историјата и во иднината“, рече претседателот на МАНУ на денешниот собир.

За животниот пат на Митрев зборуваше академик Витомир Митевски, секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука во МАНУ, кој рече дека на македонското дело Митрев бил посветен уште од најрана возраст – од родното Деде Агач во денешна Грција, за време на школувањето во Бугарија, каде што  додека студирал право  членувал во Македонскиот литературен кружок и заедно со Никола Вапцаров го редактирал весникот „Литературен критик“. По доаѓањето во Македонија, високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по филозофија, по што следувале редица значајни професионални и општествени ангажмани.

Митевски истакна дека во творечкиот профил на Митрев доминира ликот на книжевен критичар, притоа посочувајќи на искажувањата за Митрев од двајца книжевни авторитети – Старделов и Конески.

Според Старделов, Митрев е книжевен критичар со конзистентен реалистичен став, кој ја брани доследно универзалноста на поетиката на реализмот и ги воспоставува базичните одредници на новиот креативен реализам, а со тоа и на книжевната критика заснована врз неговите начела.

-Од друга страна, пак, Блаже Конески ќе рече: „Во личноста на Димитар Митрев се манифестира длабок, благороден став и гест на еден од најизразитите романтичари на македонската национално-културна преобразба, додаде Митевски.

На собирот во МАНУ присуствуваше и ќерката на Митрев, Илинка Митрева, универзитетски професор и поранешен министер за надворешни работи. На свеченоста што точно на денот на раѓањето на Митрев  минатиот месец ја организираше Друштвото на писателите на Македонија (14 октомври), Митрева во есеј за својот татко рече дека во неговата личност постои еднаквост помеѓу исклучителниот човек и исклучителниот деец.

– Постулирав три крупни императиви во теоријата на духот на теоретичарот и човекот Митрев – моралот на акцијата, пледоаје на националното, осуда на баналноста… Тој ги поставува високите стандарди на ексклузивниот спој на интуиција и ерудиција во поимањето на книжевното. Ослободено од баластот на тековната реторика и сведено на чисти суштини, делото на Митрев ќе претставува сѐ поголем предизвик за идните проучувачи…, рече Митрева во таа пригода.

За Димитар Митрев на денешниот собир во МАНУ зборуваа и академик Катица Ќулавкова, проф. д-р Веле Смилевски и д-р Ангелина Бановиќ-Марковска.