Според очекувањата денеска може да почне пленарната седница во холандскиот Парламент за целосно завршување на ратификацијата на Протоколот за членство на нашата држава во НАТО. Очекувам дека во текот на оваа недела тоа ќе се заврши, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Таа нагласи дека се очекува до крајот на ноември или до Лондонскиот самит да заврши ратификацијата и во Франција, а останува само ратификацијата во Шпанија, за што поточни проценки ќе можат да се направат дури откако ќе биде јасна новата влада.
– Според најавите, првата седница на шпанскиот Парламент ќе биде почетокот на декември. Секое шпекулирање сега, ќе биде само шпекулација. Многу внимателно ги следиме настаните, ја испраќаме континуирано пораката дека е многу важно за нас, но и за регионот, нашето членство час поскоро, изјави Шекеринска, која денеска изврши увид во новореновираните и комплетно опремени лаборатории во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, во касарната „Гоце Делчев“, во кои е инсталирана напредна образовна технологија наменета за проектот за напредно учење на далечина.