Игор Јанушев: Зошто власта го крие договорот со „Сархемс“

Поминаа точно 12 дена откако владата донесе одлука, бизнисот тежок 72 милиони евра да го додели на фирма формирана 24 дена пред да биде распишан тендерот.

Остануваат уште 18 дена од рокот од еден месец за склучување на договорот, а владата се уште крие што планира да потпише.

Не се работи за приватни пари ниту на Зоран, ниту на Вице Заев. Не се работи ни за приватни пари на Рашковски. Фирмата ќе наплаќа 72 милиони евра од патарини, авионски карти или зелени картони. Пари кои наместо во буџетот на државата ќе се слеат на сметка на „Сархемс“, единствената фирма која доставила понуда на огласот.

Доколку договорот е толку добар, зошто власта го крие?

Зошто не се објават деталите?

Зошто не знаеме што плаќаме, колку ќе плаќаме и како ќе плаќаме?

Дали власта има согласност да наметнува дополнителни давачки по патник? Како тоа ќе влијае на цените на аеродромските услуги?

Дали и во која мера ќе биде оштетен Фондот за здравство, бидејќи не сите граѓани имаат приватно осигурување и како тоа ќе влијае на здравствениот систем?

Власта мора да одговори на овие прашања. Граѓаните се тие кои ќе платат 72 милиони евра и мора да знаат како и на кој начин се трошат нивните пари.

Никој не верува во приказните на Драги Рашковски дека приватна фирма би работела без профит. Тогаш зошто би почнувала бизнис или зошто би го почнувал бизнисот како јавно приватно партнерство доколку нема никаква корист од државата?

Граѓаните мора да знаат кај ќе заврши секој цент од овие 72 милиони евра.

СДСМ не смее да заборави дека иако се во заминување мора да работат согласно закон. Секоја недоследност и криминал во работењето ќе биде санкционирана. Нема да дозволиме злоупотреба на народни пари за лично богатење на поединци.

Прашање: Јанушев веќе влегува во собраниска процедура предлогот на власта практично е тој сега на мали партии за промена на изборниот модел, премиерот најави дека и без консензус се подготвува да оди на измена на моделот. Како го коментирате тоа и како ќе се поставите вие во собранието, ќе одите со нов предлог или?

Одговор: Како го коментирам, го коментирам како она што реално е, а тоа е уште еден груб обид за манипулација како со помалите партии така и со граѓаните во Република Македонија. Зошто? Бидејќи и тој е свесен дека без консензус меѓу релевантните политички партии едноставно е невозможно да помине измена односно промена на изборниот модел и тој е свесен дека нема да помине меѓутоа се обидува да ги изманипулира граѓаните и помалите партии.  Во однос на нашиот став добро познат, повеќе пати особено во периодот повторуван нашиот предлог останува ист мнозински со 120 изборни единици и нормално со заеднички консензус да се изгради сето тоа заедно со останатите релевантни политички субјекти.

Прашање: Но нема да го предложите тоа сега бидејќи нема консензус?

Одговор: Видете без разлика дали има или нема во моментов да носиме односно да договараме нов изборен модел на неколку месеци пред изборите е прво несериозно, е непрофесионално и не треба тоа да го правиме. Значи имаме закажани избори, од било кој аспект од правен од човечки, од аспект на граѓаните кои што треба да гласаат на овие избори значи едноставно не е добро да го правиме тоа во моментов. Како ќе се одвиваат понатака работите после изборите и после формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе оставиме времето да покаже да видиме како ќе следат тие работи.