Општина Карбинци го крои буџетот за наредната година, а како најголем и најприоритет проект за жителите на оваа општина е изградбата на Филтер станицата, со што осум села ќе добијат чиста вода за пиење.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев вели дека го исчекува распишувањето на тендерот за изградба на овој капитален објект, а средствата се обезбедени преку Владата на Република Северна Македонија, која има за цел најсовремениот систем за водоснабдување „Злетовица“ го стави во функција и за останатите три општини.
– Најголем капитален објект, за кој жителите дадоа поддршка е решавање на водоснабдувањето на општина Карбинци. Ние сакаме да бидеме корисници на вода за пиење на Х.С Злетовица, овој проект чини 2,7 евра. Со овој проект општина Карбинци би добила филтер станица за која предвидено опремување и технологија, пристапен пат и распределувачки цевководи од 18 километри со што ќе биде обезбедена вода за пиење за осум населени места или 3.200 жители од населените места во општината, вели Насев.
Тој најави дека во фаза на аплицирање е и проектот што треба да овозможи продолжување на левиот канал од системот за водоснабдување на ХС Брегалница. Со реализација на овој проект ќе се овозможи наводнување на околу 1200 хектари земјоделско земјиште.
Задоволен е од сработеното во изминатите две години од неговиот мандат. Затекнал општина со блокирана сметка од 24 милиони денари, но и покрај низата на проблеми вели успеал да реализира 74 проекти со вкупна вредност од 6,5 милиони евра.
– Во целост се реализирани 46 проекти, а вредни 135 милиони денари или два милиони евра.Во тек се девет проекти што се реализираат. Вредноста на овие проекти е 100 милиони денари или 1,5 милиони евра и имаме уште дополнителни 2,8 милиони евра за уште девет проекти чија што реализација се очекува во следните две години, рече Насев.
Карбинскиот градоначалник потенцира дека изминатите две години се работело на асфалтирање на патишта, улици, тротоари во повеќе населени места, а започната е и реализација на проект од областа на туризмот во вкупна вредност од 28 милиони денари.
– Во рамки на овој проект се предвидени повеќе содржини-пристапен пат од еден километар, вештачка карпа, реконструкција на Планинарскиот дом во село Вртешка, како и партерно уредување и одбележување на 14 патеки.Во фаза на изработка е еден од поголемите проекти, мост од должина од 30 метри и ширина од девет метри. Мостот е на влезот во село Карбинци на Козјачка река. Преку овој мост би добиле непречен проток на луѓе, стоки и услуги за жителите за Карбинци и другите населени места“, вели Насев.