Општата болница со проширена дејност од Кочани испрати 13 лекари на специјализација во различни области за да го реши проблемот со недостиг од стручен медицински персонал.
Усовршувањето на лекарите се реализира во соработка со Министерството за здравство, при што приоритет имаат одделенијата за хирургија, гинекологија и за интерни болести.
– Со оглед што пред извесен период добивме четири педијатри за детското и тројца специјалисти за нервното, задоволени се потребите од лекари за овие одделенија. Во меѓувреме на специјализација испративме по тројца лекари за гинекологија и интерни болести, двајца за хирургија, а останатите се за ушни болести, рентгенологија, педијатрија, ортопедија и еден специјалист на стоматологија. Очекуваме по завршувањето на специјализацијата и нивното враќање во нашата бопница да ги докомплетираме сите одделенија каде подолг период има недостиг од лекари, истакна Александар Серафимов, директор на Општата болница – Кочани.
Паралелно со решавањето на недостигот од специјалисти, во изминатите неколку месеци се подобрува и состојбата во итната медицинска помош. Во рамки на проектот за домашна посета таму се ангажирани нови лекари и дополнителен медицински персонал.