Заев и Димитров во Женева ќе се сретнат со Дендиас

Министерот за надворешни работи на Грција во рамките на Светскиот економски форум во Женева утре ќе се сретне со премиерот и со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Средбата на Зоран Заев и Никола Димитров со Никос Дендиас ја најави шефот на грчката дипломатија, говорејќи за радиото “Тема фм”, а ја потврди и портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас на денешниот брифинг со новинарите.

Гениматас рече дека разговорите ќе се фокусираат на Договорот од Преспа и спроведувањето на реформите и повтори дека Грција ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан, потсетувајќи дека земјата “од 2003 беше иницијаторот на оваа перспектива”.

-Разговорите ќе се фокусираат, прво, на тоа како ќе се продолжи со реформите и како Грција ќе го поддржи спроведувањето на овие реформи, како што прави до денес. Во однос на Договорот од Преспа, позициите се познати, треба да има правилно и без отстапки придржување кон договорот, рече Гениматас.

На прашањето на дописничата на МИА од Атина, дали Грција има за цел да преземе иницијатива за ЕУ перспективата на Северна Македонија и Албанија, портпаролот на грчкото МНР рече дека потребно е да се разгледа ситуацијата, да се создадат поволни и соодветни услови и било кои чекори што би се презеле да бидат внимателни.

-Во овој момент ја оценуваме ситуацијата, таква каква што е, бидејќи било кои следни чекори треба да се внимателни и секако да се во насоката што ја споменав, поддршка на европската перспектива на овие земји. Грција има улога што треба да одигра во регионот. Игра активна улога и ќе продолжи во оваа насока. Било која иницијатива што би се презела и би се соопштила кога би се презела, ќе треба како главен критериум да го има постоењето напредок. Не можеме да очекуваме дека веќе од утре ќе се сменат декларираните позиции на значајни земји од Европската унија. Она што треба да го направиме е да работиме за да се постигнат оние услови што ќе дозволат за релативно брз временски период да се дојде до некаков напредок во посакуваната насока, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, а за италијанската иницијатива одново да се разгледа прашањето, истакна дека Грција разговара и со Италија и со Франција и со други земји, но потребни се поволни услови и содветна дискусија и подготовка.

За Договорот од Преспа и неговото спроведување, портпаролот на грчкото МНР рече дека Атина тесно следи дали другата страна ги исполнува обврските, а во Министерството за надворешни работи на Грција е формирана task force за следње.

За двете комисии што произлегуваат од договорот, за учебниците и за трговските ознаки и до каде е нивната работа, одговарајќи на прашањето на дописничата на МИА од Атина, Гениматас објасни дека се очекува наскоро да се одреди нова средба за комисијата за учебниците, а за ознаките,  го повтори ставот дека грчата влада има намера да ги поддржи “трговските имиња од вистинската, автентичната Македонија и на светско ниво да ја добие комуникациската игра”.

За комисијата за учебниците рече дека ќе има и нов состав, но објасни дека тоа не значи дека ќе почнат од почеток, туку ќе продолжат онаму каде што застана претходната по одржаните четири средби.

Министерството за надворешни работи на Грција одново воведува редовен брифинг со грчките новинари и странски дописници кои следат надворешна политика, а на денешната прва средба, на претставниците на медиумите им се обрати и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас.