Милевски: Градоначалниците да водат сметка, да нема понатамошни задолжувања

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалниците на општините Карпош и на Гази Баба, Стефан Богоев и Борис Георгиевски денеска изјавија дека го поддржуваат предлогот на пратениците од власта кои планираат да го изменат одбранбениот механизам кој спречува во иднина општините да не продолжат со натрупување нови долгови. Наместо општините своите годишни проекции на приходите  да ги проектираат со раст од најмногу 10 отсто од просечното трошење во последните три години, сега пратениците на ДУИ и СДСМ предлагаат да се троши и до 30 отсто повеќе од тригодишниот просек.

– Од кога стапив на функција министер за локална самоуправа еден од главните проблеми, на кои ми укажуваа градоначалниците, беше токму ова ограничувањето на буџетот од 10 отсто, што ги ограничуваше да ги планираат развојните инвестиции и практично парите одеа за враќање на долговите на старите градоначалници и не беа во можност да ги планираат проектите и да ги реализираат проектите што ги ветија кај граѓаните, изјави министерот Милевски по посетатата на инклузивното детско игралиште во Општина Карпош.

Малку е смешно, како што рече, од страна на опозицијата кога критикува дека општините сакаат да се задолжуваат, а сите долгови што се актуелни се направени токму од градоначалниците во изминатите десет години, кои доминантно биле од ВМРО-ДПМНЕ.

– И тие за оваа тема треба да молчат затоа што не се релевантни да дискутираат. Би апелирал до актуелните градоначалници да водат сметка, да нема понатамошни задолжувања на буџетот. Ова решение што беше со 10 отсто ограничување навистина го кочеше развојот на општините. Можеби Владата и ЗЕЛС треба да најдат некое друго решение со кое би се спасиле општините и граѓаните од задолжувања, но ова со 10 отсто не беше решение кое тогашниот министер го имаше предложено, смета Милевски.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев изјави дека генерално се согласува со министерот Милевски. – Од општините и произлегува таа потреба. Имаме ситуација во која, зборувам за мојата Општина, максималниот проектиран износ на приходната страна кој беше согласно овој закон, кој е плус десет отсто, доаѓаше некаде на исто ниво колку и преземените обврски од претходно. Практично не можете да проектирате никаков друг развој. Со овие 30 отсто кои се предлагаат во Собрание, се овозможува општините да можат да реализираат инвестиции кои ќе значат иден приход, рече Богоев.

Со овие 30 отсто зголемување, како што посочи, се овозможува општините да влезат во инвестиции. Богоев информира дека тој и неговите колегите за овие две години докажале оти прилично домаќински се работи. Додаде дека има изолирани случаи каде има неодговорно трошење од одредени општини и градоначалници.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски рече дека кога ја презел функцијата во 2017 година наследил долг од 2,5 милијарди евра или преку 140 милиони денари. Од нив, како што рече, веќе 80 отсто ги вративме.

-Ја поддржувам одлуката, 30 отсто би можеле отприлика да го ублажат овој дел од 10 отсто кој беше наметнат, рече Георгиевски.

Смета дека законот мора да се дотера, да биде во функција на самите градоначалници и Совети за да можат во тековната година да ги користат средствата.

– Не може да заборавиме дека паралелно ги враќаме и старите долгови, во изминатите десет, 15 години, на бившите градоначалници. Ние паралелно враќаме, работиме и се бориме за зголемен буџет, за подобра инфраструктура и зголемен капацитет кој општините мора да го имаат во повеќе области, рече Георгиевски.