Собранието на Република Македонија денеска треба да ја почне 32. седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците, во трето читање, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик а кој беше вратен од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов без потпишан указ и со бројни укажувања.
За Законот се поднесени рекордни над 32.000 амандмани од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но точната бројка, како што информираа за МИА од Кабинетот на претседателот на Собранието, ќе биде соопштена дури денеска односно по нивното комплетно обработување и ставање во е-системот на Парламентот. За архивирање, обработување и ставање во е-системот на Парламентот викендот беа ангажирани околу 120 вработени во собраниските служби. За да се разгледаат сите поднесени амандмани на Парламентот ќе му бидат потребни месеци.
Партиите од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ, како и Беса не поднесоа амандмани за законот.
Пред собраниската седница треба да се одржи и редовната понеделничка координативна средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи од која се очекува да произлезе договор како ќе се одвива седницата имајќи го предвид бројот на поднесните амандмани, но и фактот што во Собранието првпат се применува ставот 3 од членот 173 на Деловникот и директно на пленарна седница ќе се гласа за амандмани произлезени од укажувања на претседателот на државата.
Неизвесно е дали претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на координацијата со Џафери. Влатко Ѓорчев, кој сега ја координира работата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во петокот најави дека тие на седницата ќе настапуваат „како и досега“ односно со десет пратенички групи.
Ѓорчев, пак, нема да присуствува на седницата бидејќи заедно со лидерот на партијата Кристијан Мицкоски е во Брисел на состаноци со официјални претставници на ЕК и европратеници.
Според Деловникот, поднесените амандмани ќе бидат разгледувани само на пленарна седница. Предлагачот ќе има три минути да ги образложи и амандманот ќе може да се гласа. За да биде донесен потребно е 61 глас. Координаторите на пратеничките групи имаат право и на процедурална забелешка од три минути. Доколку се слични амандманите можат да се групираат, објаснуваат од собраниските служби, но тие ќе мора да се гласаат поединечно.
Инаку, на 32. собраниска седница се ставени уште над 40 други точки.