Азески на состанок на Коморскиот инвестициски форум во Трст

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески денеска и утре ќе учествува на состанок на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), што ќе се одржи во просториите на Генералниот секретаријат на КИФ во Трст.

На состанокот ќе се дискутира за стратешките приоритети на КИФ во следниот период, како и за активностите поврзани со Регионалната економска област и обновениот политички импулс за поблиска соработка на економиите во земјите од Западен Балкан, како алатка за поддршка на економскиот раст и патот на регионот кон членството во Европската унија.

Коморскиот инвестициски форум е основан од Стопанската комора на Македонија, заедно со Унијата на стопански комори на Албанија, Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово.

Целта на формирањето е да се постигне поефикасно вклучување на бизнис заедницата од регионот во процесите на имплементација на инфраструктурните проекти кои се во тек или кои се планирани, како и во однос на други проекти од важност за економскиот просперитет на земјите од Западен Балкан, со потенцирање на развојот на конкурентноста на економиите од регионот преку поврзани бизниси, соработка и координирани активности.