Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска се сретна со Давид Сасоли, претседател на Европскиот парламент.
На средбата, како што соопшти неговиот кабинет, претседателот Пендаровски изразил задоволство за постојаната и отворена поддршка за европската интеграција на Северна Македонија од страна на Европскиот парламент.
Истовремено претседателот Пендаровски го поздравил усвојувањето на резолуцијата по исходот од октомврискиот Европски совет. Усвојувањето на резолуцијата со којашто се бара отпочнување на претпристапните преговори за Северна Македонија и за Албанија, како што истакнал претседателот Пендаровски, би помогнало да се одржи мотивацијата кај нашите граѓани. Во оваа насока тој изразил и задоволство што Европскиот парламент останува посветен на проширувањето.
На средбата со Сасоли, претседателот Пендаровски подвлекол дека одлуката на последниот самит на лидерите во Брисел беше неповолна со оглед на тоа што земјата презеде крупни чекори во внатрешните реформи и добрососедските односи, со цел да напредува во европските интеграции. Тој додал и дека одлуката на Европскиот совет да се наврати на прашањето на проширувањето идната пролет може да биде демотивирачка за Северна Македонија и за целиот регион на Западен Балкан.
Претседателот нагласил дека европската интеграција на Северна Македонија останува долгорочна определба, мотивација за трансформација на општеството и имплементирањето на европските стандарди. Иднината на земјава е во рамките на Европската унија, насока што беше потврдена и на неодамнешната средба на политичките лидери на која беше домаќин Претседателот.