Разбираме дека сигналот кој што беше даден е многу негативен и не сакаме тоа да предизвика реакција против Франција и против нејзиниот став, но таа порака треба да биде сфатена дека не станува збор за негативна активност кон Македонија. Франција смета дека сите земји од регионот се дел од европскиот континент, но неопходно е денес за ЕУ да се реформира внатре, вели во интервју за МИА Елен Конвe-Муре, заменик претседател на францускиот Сенат и член на Комисијата за надворешни работи, одбрана и вооружени сили, која е во дводневна посета на земјава.
-Не станува збор за вето, ниту за одбивање од страна на Франција, затоа што Франција не сака да го блокира процесот, туку само се изјасни негативно во однос на прашањето, затоа што можеби денес ЕУ не е подготвена да прифати нови земји членки и неопходно е да се видат одредени критериуми кои што ќе помогнат да се пристапи кон членство и прифаќање на нови земји – кандидати,вели сенаторката Конве-Муре појаснувајќи го недоделувањето датум за Скопје и Тирана на октомврискиот Самит на ЕУ.
Во однос на можноста наскоро Париз да ги изнесе своите предлози за новата методологијата за проширување, француската сенаторка вели дека извршната власт сигурно работи на тоа, но таа како член на Сенатот воопшто не е во можност да зборува за рокови.
– Она што можам ви го кажам е дека постои потреба за ургентност за која што е свесна извршната власт во Франција за да може да се напредува колку што е можно побрзо, за да се донесе појаснување за она што се очекува од Македонија и Албанија, вели Конве-Муре.
Комплетирањето на ратификацијата на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО во француското Собрание откако тоа го направи францускиот Сенат, Конве-Муре појаснува дека според консултациите со нејзините колеги од француското Собрание, ќе зависи од агендата на Собранието, но смета дека би се случила многу брзо и не би имало никаков проблем. Сепак, не може да каже дека е тоа можно пред самитот на Алијансата во Лондон.
-Можеби, но не можам да го потврдам тоа, не можам да ви дадам точен датум затоа што моите колеги од француското Собрание немаат фиксна дата. Она што можам да ви го кажам е дека нема да има никаков проблем за гласањето во француското Национално собрание, посочува заменик претседателката на францускиот Сенат Елен Конве-Муре.
Во интервјуто што подоцна денеска МИА ќе го објави во целост заедно видео материјалот од разговорот, Конве-Муре зборува и за билатералната соработка во одбраната и безбедноста, за фокусот на Француската агенција за развој која треба набрзо да почне да функционира.