Легализацијата на дивоградбите со новиот закон нема да биде едно евро од квадрат, соопшти денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по поставувањето на првиот столб од далноводот од Штип кон Пробиштип. Тој во вторник ќе ја презентира информацијата и потребата од носење нов закон за легализација на дивоградбите.
-Комуналиите ќе бидат некаде 100 проценти што е еден вид казна од 50 проценти, плус УНЕСКО ќе биде буквално надвор од тој Закон, за да немаме дилеми апсолутно дека ќе се случува таму нешто и понатаму. Лицата со социјален ризик се опафтени во тој дел, каналските канализации. Меѓутоа добро е прво да помине информацијата на Влада и предлог Законот да го доставиме и потоа ќе бидете целосно информирани, изјави Сугарески.
Законот е правен заедно со општините и ЗЕЛС, а целта е да се решат објектите кои во моментов не можат да се легализираат, согласно постојниот Закон.
Прашан како тоа ќе влијае врз граѓаните и фирмите кои градат легално, Сугарески објасни дека оние што граделе нелегално ќе си платат казни и комуналии.
-Ќе го земам за пример Штип каде во моментов можеби има 4.000 дивоградби или не знам, еден куп низ државата.Ние мора да ги решиме, тие мора да имаат правен статус, рече Сугарески.
Премиерот Заев дополни дека по разговорите со ЗЕЛС е многу важно што треба да се легализираат објектите кои не биле опфатени со закон, зашто другата опција е да се уриваат.
-Република Северна Македонија не е толку богата како држава, за да руши материјални добра. Треба да направи се за да ги заштити тие материјални добра, кога веќе некој не го легализирал, а законот претходно тоа го дал како можност. Тогаш следната легализација ќе биде 150 отсто ако комуналиите се 6.000 денари или 3.000 денари, тогаш ќе треба да плати 4.500 наместо 3.000 денари, ќе има казна заради тоа што не смее да ги одварти никој што легално по пат на добивање градба, како што е пропишано по закон си добиват одобрение за градба за објектите. Така да јасна ќе биде казната, истакна Заев.
Премиерот очекува социјалните случаи кои имаат вакви градби да ги добијат сите поволности, а ќе има и алатки во законот за решавање одредени објекти што порано не биле решени со постојниот Закон за легализација на диовоградби.
-Еден дел од тоа е подземната канализација, подземната инфраструктура, кабелската канализација од секаков вид, дел е електрична, дел е поштенска, дел е телекомуникациска. Верувам дека преку едно вакво решение ќе успееме да излеземе во пресрет колку што може на граѓаните, нагласи Заев.