Почна изградбата на нов 110-киловолтен далекувод со кој се поврзуваат трансформаторските станици Штип и Пробиштип. Премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорката на МЕПСО, Ева Шуклева денеска присуствуваа на поставувањето на првиот елерктричен столб.
Станува збор за проект за реконструкција во кој ќе се замени постоечкиот далекувод поставен на армирано-бетонски столбови кој е изграден во 1972 година и беше во функција 47 години. Далекуводот е долг 25 километри и ќе биде поставен на 110 столбови.
Според планираното, изградбата ќе заврши до крајот на годинава, по што се очекува далекуводот да биде пуштен во употреба.
-Во новиот далекувод МЕПСО инвестира 2,45 милиони евра, средства обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој. Изведувачот на работите (конзорциум од компаниите Pinggao и Ndrekaj) е избран на меѓународен тендер, а во целиот проект во постапката на надзор, проектирање и геомеханички истражувања, како подизведувачи веќе се ангажирани и домашни фирми. Новата инвестиција ќе го зголеми преносниот капацитет на мрежата во овој регион и што е уште позначајно ќе го подобри снабдување со квалитетна електрична енергија за жителите на Пробиштип, Злетово, Кратово и Крива Паланка, рече Шуклева.
Таа истакна дека новата опрема поставена на далекуводот (проводници, изолатори) ќе ги сведе на минимум ризиците од испади и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Со тоа значајно ќе се намалат и трошоците за одржување. Воедно за МЕПСО е круцијално тоа што замената на дотраените бетонски столбови со челично-решеткасти ќе ги подобри условите за работа и безбедноста при извршување на обврски за електромонтерите на МЕПСО.
Премиерот Заев истакна дека овие инвестиции се важни за енергетскиот систем за да нема големи загуби низ мрежата, како и дополнителни трошоци за поправки на старата мрежа. Оваа инвестиција е дел од пакетот инвестиции од 15 милиони евра на МЕПСО, а се однесува на обнова на делекуводи и на трафостаници.
-Очекуваме успешно завршување до крајот на годината на големиот проект што ја поврзува земјава со Ќафасан, со Албанија, а тоа е далекуводот и трафостаницата кај Битола што ќе овозможи директно поврзување на Турција, Бугарија, Република Северна Македонија, Албанија и Италија заради тоа што преку ваквите конекции дефинитивно обезбедуваме стабилна и навремена енергија за целиот овој регион, рече Заев.
Тој смета дека со ваквите инвестиции е јасна пораката кон инвеститорите оти земјава има стабилна инфраструктура и енергетски систем.
Министерот Сугарески напомена дека Владата инвестира во електропреносниот систем, бидејќи на тој начин ќе помогне во економскиот развој.
-Модернизацијата на далекуводите ги опфаќа Штип – Овче Поле и Велес, Велес – Скопје 4, Миладиновци – Бунарџик и Прилеп 1 – Битола 1. Со ваков тип на инвестирање го зајакнуваме енергетскиот сектор, потенцира Сугарески.