Познатата прилепска црква „Свето Благовештение“ ќе го добие старо-новиот уникатен изглед

Се враќа првобитната, уникатна фасада на познатата прилепска црква „Свето Благовештение“ или попозната како Стара црква. На надворешноста од црквата, која е заштитен споменик на културата, се вади слојот малтер и се откриваат керамичките блокови комбинирани во градбата со камен, уникатни во земјава што е првобитниот изглед на Црквата кога се градела пред 181 година.

Според отец Илчо Смилески, старешина на црквата, парите, во вредност од околу 35.000 евра се обезбедени преку Преспанско-Пелагониската епархија, работите се во тек и ќе се интервенира додека дозволуваат временските прилики.

– Црквата, оригинално, кога е градена во 1838 година е издигната со камен и посебни, керамички блокови, специјално изработени за црквата, а речиси не се среќаваат кај другите цркви во земјава. Не се знае зошто надворешноста била прекриена со слој од малтер пред околу 90 години, но сега се враќа првобитниот надворешен уникатен изглед. Ангажирани се фирми од Прилеп. Едната, „9 март монт“  е за надворешното обликување, а фирмата „Караорман“ ќе се погрижи за осветлувањето, објаснува отец Смилески.

Од прилепскиот „Завод и музеј“ ги потврдуваат зафатите и нагласуваат дека специфичните керамички блокови, специјално направени за изградбата на црквата се ретка техника.

– Керамичките блокови кои ги направиле за изградбата на црквата се особени и не се среќаваат на тлото на земјава. Тоа ѝ дава уникатност на Црквата која има посебно значење за Прилеп и за прилепчани.

Црквата „Свето Благовештение“ е најпознатата во Прилеп и има своја историја. За нејзина изградба инсистирал прилепскиот еснаф и прилепчанецот Хаџи Ристо Логотед морал да патува во тогашен Цариград за да добијат посебно одобрение-ферман од Султанот за изградбата на црквата.

Инаку, во црквбата пред повеќе од 15 години беа пронајдени книжни икони кои на изложба беа претставени во Њујорк. Храмот го поседува и бесценетиот Иконостас, најголем во земјава и трет по значење што го изработила тајфата на зографот Петре Гарката. На Иконостасот прилепскиот и битолскиот Завод и музеј ќе го почнат процесот на анализа за зачувување и конзервација на Иконостасот кој преку 20 години е оставен на забот на времето и постои опасност да биде уништен.