Клиничката болница Битола доби нов мамограф, следниот месец во функција ќе биде ставен акцелераторот

Клиничкатa болница-Битола прераснува во сериозен медицински центар кој нуди врвни здравствени услуги, a со новата технологија даваме нов квалитет на услугата, истакна министерот за здравство Венко Филипче за време на неговиот престој во Битолскиот медицински центар каде промовираше нов мамограф за скрининг на карцином на дојка.

Филипче посочи дека станува збор за современ апарат со најдобри карактеристики што овозможува дијагностиката да се одвива многу прецизно и со точни резултати.

– Овој апарат го добивме преку ИПА проект за прекугранична соработка и освен мамографот, со овој проект се добива можност за интегрирање на информациските системи меѓу Клиничката болница-Битола, болницата во Гевгелија и неколку здравствени институции во Грција. На овој начин ги подобруваме релациите и комуникацијата со здравствените институции во Грција, изјави Филипче.

Нагласи дека меѓународниот проект се совпаѓа со проектите што се во функција на реформата во примарното здравство каде акцентот е ставен на превентивните програми.

– Со реформата што ја спроведовме во примарното здравство, преку зголемување на капитациониот бод заради стимулација на матичните лекари и имплементирање на новата методологија на нивно функционирање, веруваме дека во периодот што следи превентивните програми значајно ќе се подобрат и ќе имаме можност да работиме на рано откривање на многу болести, пред се малигните болести, затоа што за многу малигни болести кај мажите и жените рано откривање со современата терапија може да значи и целосно излекување. Нема повеќе пациенти кои што чекаат за терапија за малигни болести како што тоа беше до пред некоја година, а со новите лекови целосно се покриени нивните потреби, има прволиниска и второлиниска терапија, а за таа терапија, добар дел од пациентите порано беа упатувани во странство, рече Филипче.

Најави дека во текот на следниот месец во Клиничката болница во Битола во функција ќе биде ставен акцелераторот чија инсталација е во завршна фаза.

За платите на здравствените работници рече дека во следниот период заеднички ќе се разговара за зголемување на платите од почетокот на следната година.

– Во наредниот период заеднички ќе разговараме за зголемувањата на платите од почетокот на следната година и согласно нашето ветување за 100.000 денари плата за лекар специјалист. Не само за лекарите во Клинички центар, туку за сите специјалисти ширум државата и во сите јавни здравствени институции и на сите нивоа. Но, сакам да нагласам дека не ги забораваме општите лекари, ниту медицинските сестри бидејќи следи период во кој ќе разговараме за тоа како сумата на пари ќе биде распределена, изјави Филипче.