Преку дијалог до решение на проблемот со каменоломите во Лабуништа

Во текот на следната недела или најдоцна за две недели заедно со министерот за економија Крешник Бектеши ќе организраме состанок со концесионерите за да разговараме и да изнајдеме трајно решение за проблемот што го имаат жителите на струшко Лабуништа со каменоломите, порача премиерот Зоран Заев во одговор на пратеничко прашање на денешната седница на Собранието.

Тој нагласи дека ќе направат се за да се најде решение бидејќи, како што рече, на жителите на Лабуништа им е загорзено здравјето, па дури и безбедноста од многуброните каменоломи во околината на населеното место за кои концесионерите имаат валидни договори за концесија и експлоатација на минерална суровина  – варовник.

Пред два дена, додаде премиерот, имало минирање кое било вон сите стандарди и предизвикало дополнителна прашаина и дополнително загадување на воздухот, а испукале и ѕидовите на некои од куќите во Лабуништа.

– Заедно со министерот Бештеши сум вклучен во проблематиката и имав состоноци со граѓаните и пратеникот од Струга на кои утврдивме неколку начини за решавање на проблемот. Сметам дека имаме две можности. Едната е да им понудиме на концесиионерите нови алтернативни локации подалеку од населени места и да им ги дадеме во постапка согласно закон. Втората е преку инспекциските служби да продолжиме со целокупната проверка на документацијата за доделување на концесијата, од еколошките дозволи до постапката на издавање на одобрението и доколку најдеме било каква неправилност да ја санкционираме, рече Заев.

Тој нагласи дека власта не сака со сила да им ја одземе концесијата на концсионерите, туку да најдат начин да се договорат низ дијалог. На таков начин, со разговор што го имал министерот Бектеши со граѓаните и концесионерот, како што рече, еден од концесионерите веќе се откажал од концесијата и неговиот каменолом не е повеќе во функција.

– Не сакаме да уништиме или да наштетиме на ниту една фирма, но сите мора да мислиме за здравјето. Сите инспекции се веќе пуштени во погон, а има и дел од инспекциите од кои не сме задоволни од нивната работа и со нив разговараме, бидејќи се знае каква е постапката за минирање. Најмалку два пати, според податоците што ги имам, е извршено минирање без никаква постапка и со тоа е загрозена и безбедноста, а не само здравјето. Верувам дека ќе му ставиме крај на прашањето со позитивно решение преку алатките што ни стојат на располагање според законот и низ дијалогот кој сакаме да го отвориме, потенцира Заев.

Државата, посочи премиерот, е подготвена да подаде рака за сите што ќе изгубат нешто, да им го надомести тоа, но при тоа да биде загарантирано здравјето на граѓаните.