Доколку Собранието биде распуштено, тоа може повторно да се собере, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, појаснувајќи дека и на лидерската средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски, било разговарано за можноста да се свика веќе распуштениот Парламент, доколку се појави потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО.
– Тоа било пракса и порано за итни и неодложни работи да се стават на дневен ред и да поминат, нагласи Мицкоски.
Според Мицкоски, на лидерската средба биле присутни и претставници од Кабинетот на претседателот на државата, меѓу кои и професор, кој дал мислење дека за итни и неодложни ситуации Уставот предвидува можност Собранието повторно да се собере.
Тој појасни дека се очекува на почетокот на декември да се конституира Парламентот во Шпанија и да го усвои Протоколот за членство во НАТО, по што, како што изјави, во нашето Собрание се предвидува документот да дојде во втора половина на декември или првата половина на јануари.
На новинарско прашање за различните толкувања за имплементацијата на Преспанскиот договор по недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, Мицкоски изрази загриженост за, како што рече, непринципелноста и декаденцијата во редовите на СДСМ, што, потенцира, „не е добро за држава која сака да биде членка на НАТО и на ЕУ“.
– Договорот од Преспа е јасен и се знае што треба. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен и познат и нема што да се додаде, изјави Мицкоски.
Во однос на тврдењата за понуда од Москва за членство на земјава во Евроазиската еконосмка унија, Мицкоска порача дека „иднината на Македонија е во ЕУ“ и тука никој не треба да има дилема. – Овој став како политички партиии го реафирмиравме на последната лидерска средба. Мислам дека како држава треба понатаму да се движиме во таа насока, рече Мицкоски.
– Секоја економска соработка каде нашето стопанство може да има приходи и да добие подобри услови, е на билатерална основа со државите. Наша основна стратешка определба е полноправно членство во ЕУ, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.