Обвинителката Вилма Русковска во вечерашното интервју на ТВ 24 рече дека не ја исклучува можноста лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,Христијан Мицкоски да биде повикан на распит за случајот „Рекет“.
Посочи дека пред Мицкоски да покажува документи за кои тврди дека се од истрагата „Рекет“, таа му се јавила на телефон.
– Пред да мавта со тие работи, го побарав на телефон затоа што имаше изјавено дека никој не го викнал во Основното јавно обвинителство, а тој знаел и за други случаи. Го прашав за кои случаи има сознанија, рече дека тој тоа не го кажал. Го прашав дали има сознанија за други луѓе од кои биле барани пари, рече ќе размисли. Бев презафатена со други работи. Јас сум сигурна дека нема да сака да помогне, но не ја исклучувам можноста да биде повикан, рече Русковска.
Во врска со повикувањето на Фросина Ташевска-Ременски во судот и откривањето износи испратени преку вибер-пораките, обвинителката потенцира дека истрагата се уште трае и не може да зборува за детали.
– Во фаза на истрага не можам да зборувам подетално. Воопшто не реков дека постојат некои цифри. Сопругот на Ременски е вработен во АНБ, не е во МВР. Тој не е повикан, а дали ќе биде повикан зависи од други околности. Не исклучувам можност да бидат повикани други лица, рече Русковска.
На прашање како се проценило дека за другите не е побарано притвор, таа изјави дека притвор бил побаран само за една осомничена, но судот го одбил предлогот и одреди куќен притвор.
– За другата, која беше породена, ние како Обвинителство предложивме одземање на патната исправа и за третиоот само мерки за претпазливост. Сметавме дека не е во ред цели семејства да завршат во истражен затвор. За четвртата сметавме дека мерки на претпазливост се доволно добри, зошто добар дел од доказите и сведочењата во предистражна постапка, беа обезбедени и само за првоосомничената каде баравме притвор, баравме зошто знаевме дека има хотел во Грција и постои можност за бегство, додаде Русковска.