Сто садници, листопадни дрвја, платан, липа и јасен денеска засадија екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ на на три локации во Куманово, во близина на автобуската станица, кај „Октомвриска револуција“ и зад заградите покрај речното корито. Садниците се производство на расадникот на јавното претпријатие.
– Времето е идеално, имаме за цел до крајот на годината да засадиме најмалку 500 садници. Сакам да најавам дека следната година кога ќе се носи новиот буџет за 2020 година, планирам да предложам до Советот пет проценти од вкупниот износ на капиталните инвестиции во градот да се насочат за раззеленување на градот, рече градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Тој најави дека старите дрвја кои се засадени во минатото ќе се отстранат, а на нивно место ќе бидат засадени нови, меѓу нив и на локација каде се проширува улицата за нова постојка во центарот на градот. Садењето нови садници е дел од мерките од акцискиот план за намалување на аерозагадувањето заедно со аеросолизацијата за која градоначалникот најави дека ќе се врши интензивно бидејќи, како што вели, дава резултати.
– Останува дилемата како беше измерен толку висок коефициент на загадување со ПМ10 честички и Куманово изби на светската листа на прво место како загаден град. Јас ќе укажам дека се работи за стара мерна станица која не е баждарена со години, а е лоцирана во болничкиот круг каде што се наоѓа еден од поголемите загадувачи, тука е старата котлара на болницата која користи фосилни горива, мазут за загревање. Дополнително ангажираме надворешни соработници, релевантни куќи, институции да го измерат точното загадување во градот, кое е различно на различни локации и се движи до дозволена, па се до висока загаденост, но во секој случај ние ги спроведуваме и краткорочните и долгорочните мерки-рече градоначалникот.
Тој најави и миење на улиците, а од долгорочните мерки раззеленување и ширење на мрежата за гас во градот. Меѓу приоритетите останува гасификација кон индустриската зона во Доброшане, за сите јавни установи, објекти и на болницата.
-Паралалено со тоа во секој момент сме подготвени да го завршиме проектот за гасификација на болницата, но болницата како потрошувач треба да поднесе барање и да обезбеди финансиски средства за адаптација на нивниот проект за да се стави во функција, рече Димитриевски, додавајќи дека и граѓаните треба да ги почитуваат препораките дадени за намалуавње на аерозагадувањето.
Загадувањето, како што рече, не може да се реши само во Куманово, тоа е генерален проблем во кој треба да се вклучи и ресорно министерство. Димитриевски вели дека со подобрување на социоекономската положба граѓаните ќе се одлучат да користат гас како евтин енергенс и оти ќе ги користат субвенциите дадени од општината за приклучување на мрежата.
Одговарајќи на новинарски прашања, Димитриевски вели дека во „Куманово-Гас“ не е пристигнато барање за гасификација на болницата и дека постапката е поделена во два дела. Болницата подготвила проект, тие се подготвени и средства треба да обезбеди ресорното министерство за да може болницата да го адаптира својот проект, внатрешната инсталација на системот за да може да функционира на гас, а обврска на општината е да обезбеди приклучок кон мрежата. Кумановскиот градоначалник вели дека жали за одлуката што Куманово не се најде на листата на градови каде се субвенционира инвертер клима и смета дека ресорното министерство треба да ја промени одлуката и граѓаните да ја користат таа бенефиција.
-Здравјето е приоритет број еден и апелирам до граѓаните да ги почитуваат предлог-мерките за намалување на аерозагадувањето, да пријавуваат палење, рече Димитриевски.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски изјави дека во текот на годината засадени се пет илјади садници во „Гоце Делчев“ под градски гробишта, 2.000 на Спомен-костурницата и во центарот 840 насади. Тој апелираше до граѓаните да ги сочуваат дрвцата, постетувајќи дека неодмана беа уништени половина од садниците во населбата Карпош.