Пратеникот во Албанскиот парламент од Македонска алијанса за европска интегација, Васил Стерјовски, во Законодавниот дом во Тирана денеска попладне оствари средба со Иан Крафорд, шеф на политичкиот и економскиот оддел во Амбасадата на САД во Албанија.
На средбата станало збор за правата на малцинствата во Албанија, со посебен акцент за македонската заедница, учеството на Стерјовски во албанското Собрание, Законот за заштита на правата на националните малцинства во Албанија, изборната реформа и други прашања.
-Го информирав за лошите услови во кои живеат Македонците во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора каде нема основна инфраструктура, патна мрежа, водовод и канализација и дека сите овие проблеми ги имам покренато во албанското Собрание, каде барам Владата да инвестира во овие региони. Дека со територијалната реформа од 2015 година Владата не ги прифати нашите барања и ги укинаа општините во Гора и Голо Брдо и дека посебна општина населена со Македонци остана само општина Пустец, изјави за МИА Стерјовски.
Посочи дека соговорникот опширно го информирал и за барањето за признавање статус на малцинство на целата територија на Албанија и секако барањето за образование на мајчин македонски јазик на целата територија на Албанија за каде постои барање.
-Му го пренесов ставот, не само наш на Македонците, туку и на Грците, Египќанте, Србите, Црногорците, Власите, Ромите и Бошњаците, со кој со изборната реформа, која е во подготовка, мора да има загарантирани претенички места за малцинствата во албанското Собрание, нагласи Стерјовски.
Ова барање тој го изнесе и на деновиве остварената средба со амбасадорката Сузана Шутц, одговорна во Федералната канцеларија за југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА во Министерството за надворешни работи на Германија.