Штип конечно добива брана на реката Отиња

Куп укоричени документи распослани на конференциската маса е сликата што ја затекнавме во кабинетот на градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски. Овие листови, цртежи со бројки и кординати се техничката документација за браната на реката Отиња, што Бочварски првпат ги прикажа пред МИА. Токму оваа документација е неколкудеценискиот сон на штипјани, да имаат сопствена вештачка акумулација. Штипјани за оваа брана сонуваат уште од 1960 година. Капиталниот про ект, за кој експертите досега даваа само проценки колку би чинел, конечно има точна пресметка. Инвестицијата чини точно 7.500.000 евра, која е недостижна за буџетот на Општина Штип, но во јули годинава токму во Штип премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по свеченото пуштање на автопатот Штип – Миладиновци, на штипјани им вети дека браната ќе се гради со пари од државниот буџет.

Првите средства пристигнуваат до крајот на годинава, кои се издвоени со ребалансот на буџетот. Бочварски во разговорот забележува дека општинските служби работат координирано со Министерството за транспорт и врски, со цел да се добие градежната дозвола за изградба на браната, по што можат и да почнат тендерските постапки.

– Инаку браната е влезена во Генералниот урбанистички план од поодамна. Ние го помрднавме, го поместивме овој ‘рѓосан тенк, нешто што стоеше во место 35 години и досега како граѓани, општина не е најдена сила да се реализира. Имаше и референдуми за да се искористат парите од самопридонесот, но досега сите обиди беа неуспешни. Многу ми и драго што еве за повеќе од година и пол од мојот мандат можам да кажам и да разговарам дека имаме готова техничка документација и отпочнување со градба, вели Бочварски.

Браната на реката Отиња досега не се изгради бидејќи политичките игри беа поважни отколку овој проект, кој на Штип ќе му донесе промена на климата, заштита од поплави, но и место за рекреација.

– Уште од моето детство знаев дека се дискутираше за изградба на брана, но важно е да се знае дека политичарите, политичките партии дискутирале на оваа тема и многу често ја ветувале во изборните кампањи, но и не ја реализирале. Затоа ги разбирам и граѓаните, кои со недоверба гледаат на реализацијата на овој многу значаен проект и токму заради тоа што е многу комплексен, важен, голем за градот со сите свои сегменти го тангира градот. Имаме брани во околината и во други земји што се наоѓаат на одредена далечина од градот и не се толку атрактивни поради оддалеченоста, но ние овде ќе имаме брана, вештачко езеро, што е поврзано со населбите Суитлак и Блок 2000. Значи ќе имаме објекти што ќе гледаат во езеро. Тоа е една нова реалност што ќе се случува во Штип, вели Бочварски.

Токму овие две населби ќе се поврзат со улица што ќе поминува по круната на браната, а ова е шанса за развој на овој дел на градот, каде што е предвиден Спортско-рекреативниот центар Суитлак, но и викенд-населба. На почетокот на наредната година се очекува да се видат и првите градежни машини што ќе работат на изградбата на брана на реката Отиња. Според проценките на ревизорите кои работат на проектот, изградбата би траела две години, а со добар градежен изведувач времето ќе се скрати и за половина година.

Браната на Отиња зафаќа 120 хектари

Браната на реката Отиња ќе зафаќа опфат од 120 хектари, а во него се водното огледало и заштитните зони од минимум 50 метри. Драгана Штерјова од ЈП „Стипион“ – Штип, што годинава работеше на документацијата, вели дека друга површина е и за намена парковско зеленило и спорт и рекреакција.

– Покрај овие две намени имаме издвоено и викенд-зона што е предвидена во Деталниот урбанистички план. Тоа ќе биде викенд-зона за куќи, за домување со ограничени површини, максимални 50 отсто од самата градежна парцела и од приземје и кат, вели Штерјова.

Околу самата брана е предвидена и пешачка патека. Акумулацијата ќе се полни од целото сливно подрачје на Отиња, па се очекува во текот на целата година коритото што поминува низ централното градско подрачје да не е суво.

Најдлабокиот дел, кај круната на браната, ќе биде околу 34 метри или како една зграда на 11 ката, а вкупната количина е три милиони кубни метри. Предвидена е и изградба на мала хидроцентрала, која со годините може да ја исплати оваа инвестиција.

Најстариот урбанист 38 години работи на проектот брана на Отиња

Душко Стојанов веќе 38 години е вработен во Одделението за урбанизам во Општина Штип. Најстариот урбанист во општината е и пред пензија, но вели дека конечно Штип е пред реализација на сонот на своите граѓани за изградба на еден голем објект.

– Проектот во неколку наврати се наѕираше, проектираше, но не знам од кои причини се откажуваа сите. Меѓутоа еве сега имаме финален проект, што по него може да се отпочне изградба и за скоро време очекуваме и да ни се издаде градежната дозвола, бидејќи за ваков тип објекти надлежно е Министерството за транспорт и врски, вели Стојанов.

Претходните локални власти не спречија да се гради на диво покрај локацијата на браната на реката Отиња, дали токму овие градби ќе пречат за оваа реализација Стојанов со став дека во прв момент немаат влијание врз изградбата.

– Во втората фаза откако ќе почне со експропријација на одредени имоти, по наши сегашни проценки многу мал дел има бесправно изградени објекти, она што ќе биде зафатено во водното огледало и потопено со вода. Бесправните објекти се јавуваат повеќе во заштитната зона на браната. Зоната што е на страната на Суитлакот е заштитена, од другата страна кон Калдрма, Кошево, Шашаварлија, таму и нема голем дел објекти, вели Стојанов.

Тој за МИА појаснува дека кога во осумдесеттите години се вработил во општината затекнал проект за бетонска брана на реката Отиња.

– Тој проект повеќе години беше заборавен, не го ни спомнуваа, па 90-тите години откако беа останати средствата од самопридонесот се јави повторно желбата да се искористат средствата, но се наиде на пречка, бидејќи тие не се наменети за изградба на брана на Отиња, туку на Козјачка Река, рече Стојанов.

Штип има „мртви“ пари на сметката за самопридонесот

Штипјани од 1992 до 1997 година собираа пари за изградба на брана на реката Козјак. Овие средства од самопридонесот се на сметката на Општина Штип. Досега секоја политичка партија пред да дојде на власт говореше дека овие средства ќе бидат искористени, но по неколку месеци од власта сфаќаат дека е тешка постапката за нивно искористување, бидејќи мора да се оди на уште еден референдум, на кој граѓаните треба да се изјаснат за што би ги искористиле. Немањето политички консензус е причината што градот Штип досега имаше два неуспешни референдума за овие пари.

– Средствата од самопридонесот стојат и тие се обезбедени, безбедни. Јас можам да кажам дека тие средства, како општина и како градоначалник ќе се обидам да останат и да се искористат за други проекти, како што се објекти за водоснабдување. Важно е дека обидите да се пренаменат овие средства за брана на реката Отиња беа неуспешни, но и втората работа е што и тие пари ни оддалеку не се доволни да се изгради оваа брана и токму затоа јас инсистирав Владата да влезе во реализација на овој значаен капитален проект, вели Бочварски.

На посебна сметка на општината стојат еден милион евра, пари што над 20 години постојат, но не можат да се искористат. На дел од овие пари имаат право и граѓаните на малата рурална Општина Карбинци. Но, додека не се организира референдум за нивна пренамена и Штип и Карбинци можат само да сонуваат за нив и да ги гледаат на сметката.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *