Многу мал процент од површините планирани за есенска сеидба со житни култури се засеани, а останатите не се ниту подготвени за сеидба, велат земјоделци од Струмичко.
Додаваат дека долготрајната суша не дозволува ниту да се изврши есенското орање.Само парцелите кои се блиску до вода и имаат поголема влажност се заоруваат и се подготвуваат за есенската сеидба.
Според Коце Божиков, земјоделец од село Дабиле, од сушата не може да се изорат нивите и затоа невозможно е да посеат нивите со житни култури.
-Ретко се гледа трактор во полето. Само на лесните почви може да се забележи дека се врши садење и тоа кај големите производители. Индивидуалните земјоделци се уште не почнале. Ако заврне до крајот на месецот или почетокот на идниот тогаш ќе ни биде полесно.Во спротивно не знам што ќе правиме, рече Коце Божиков земјоделец од село Дабиле.
Експертите го делат мислењето на земјоделците и додаваат дека подолг период нема дожд. Сепак сметаат дека до 20 ноември, кога е оптималниот рок за извршување на есенската сеидба, ќе има промена на влажноста во почвата.
-Долгата суша не само што предизвикува проблеми во земјоделството, туку и воопшто на биодиверзитетот.Јас им давам препораки на земјоделците да извршат обработка на лесните почви и да го посадат житото, додека за потешките мора да се почека да заврне, вели д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенија.
Додава дека сушата ќе ги погоди и овошните насади, посебно крушата, кај која производителите во овој период пријавуваат цветање и тоа во повеќе региони во земјава.
-Годинашната суша со високи температури и немањето влага ќе има големи штети врз повеќегодишните овошни насади и драстично ќе потфрли приносот во следната година. Затоа, препорачувам да не се брза со кроењето на овошните и лозовите насади за да нема уште поголеми проблеми и кроењето наместо во ноември да се изврши во февруари идната година, советува д-р Ристо Вучков.
Инаку, во Струмичко годинава е планирано да се засеат над 4 илјади хектари под житни култури.