Есенска дератизација во Велес

Општина Велес со ангажирање на овластена фирма „Лиса Ком“ од Кавадарци неделава врши есенска дератизација на јавни површини и јавни објекти.

По реакциите на социјалните мрежи од група граѓани од некои здруженија за домашни миленици дека мамките се отровни за кучињата, од Општина Велес им порачуваат да не ги собираат мамките од јавните површини бидејќи материјалот кој се користи за дератизација е селективен од сертифициран производител и ја третира популацијата на глодарите и затоа не претставува опасност за останатиот животински свет. 

Како што појаснува за МИА Родна Трајковска од Општина Велес одговорна за дератизацијата, овластената фирма ја гарантра безбедноста на домашните миленичиња и затоа нивните сопственици не треба да се плашат и да шират манипулации и лаги, затоа што фрлените мамци се одбивни за кучињата и нема никаква опасност од труење.

Ова е редовна дератизација која се врши двапати годишно во пролетниот и есенскиот период. Во оваа есенска дератизација која треба да продолжи и во наредните неколку дена ќе биде опфатено вкупна површина од 150 илјади метри квадратни односно сите јавни површини во градот, како и двата брега на реката Вардар од Башино Село се’ до компанијата „АГРИА“.

Со акцијата веќе се третирани Градскиот парк, Градскиот стадион, Паркот „Каршијака“, зелената површина кај ЈЗУ Здравствен дом, Младинскиот парк и Паркот кај Гимназијата „Кочо Рацин“, Железничката станица, Паркот на Општина Велес, отворениот канал наспроти ООУ „Васил Главинов“ паркот кај ООУ „Васил Главинов“ зеленте површини кај споменикот на „Алекс Демниевски-Бауман“игралиштето  и паркот во Населбата Тунел,малиот пазар во Нова Населба и Градскиот пазар.

Од Општина Велес потенцираат дека ова е  една од општите мерки кои општината ги презема за заштита на населението од заразни болести во согласност со општинсата програма за здравствена заштита за 2019.

Воедно информираат дека по завршување на оваа дератизација, екипи на ЈКП „Дервен“ ќе извршат и редовна дератизација на шахтите во градот.