Анализите што редовно ги спроведува Центарот за јавно здравје во Охрид покажуваат дека во некои од населените места во Општина Дебрца квалитетот на водата за населението не ги исполнува законски пропишаните норми.
Таквата состојба произлегува делумно и од практиката со локалните водоснабдителни станици да стопанисуваат самите месни заедници. Законските одредби јасно кажуваат дека со тие системи може да стопанисува само општинкото јавно комунално претпријатие, но Општината не може да врши ја преземе обрвската за одржување на системите и контрола на квалитетот на водата оттаму што водоснабителните станици се градени по пат на самопридонес на населението и нивна е одлуката дали ќе се согласат истите да бидат во надлежност на локалната самоуправа.
На територијата на Општина Дебрца сите населени места имаат сопствени водоснабдителни системи, освен селото Слатински Чифлик. Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески појасни дека со средства добиени преку Програмата за рамномерен регионален развој односно за развој на специфични развојни подрачја оваа година ќе биде изграден водовод до населбата од Издеглавје, така што сите населени места ќе имаат водоснабдителни системи.
– Една од надлежностите на Општината и Јавното комунално претпријатие е стопанисување со водоснабителните системи. Проблемот со кој се соочуваме произлегува од тоа што не е докрај уредено управувањето со водоснабдителните системи, односно дел од населените места се затекнати со старата состојба каде со водоснабдителните системи управуваат самите месни заедници, рече Ногачески.
Според градоначалникот, проблем настанува во случаите кога во одредени населени места не се врши навремено и квалитетно хлорирање на водата, и поради недостаток на резидуален хлор водата не е со оној квалитет пропишан со законските одредби од Правилникот за здравствена исправност на водата.
– Затоа ние како Локална самоуправа апелираме до сите месни заедници да ги предадат водоснабдителните системи на Општинското јавно комунално препријатие кое понатаму би ја презело грижата околу стопанисувањето со нив, што секако ќе придонесе за контролиран и постојан висок квалитет на водата, рече Ногачески.