Сугарески: Со изградба на канализациска мрежа во Брвеница решаваме клучно прашање на 4.000 жители

Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска ја посети Општина Брвеница, каде изврши увид во изградбата на канализациската мрежа и колектор за отпадни води.

Проектот е со вредност 325 илјади евра, се реализира преку Министерството за транспорт и врски и опфаќа изградба на канализациска мрежа со должина од 4,4 километри и изградба на колектор за отпадни води.

– Овој проект е од огромно значење за околу 4.000 жители на населените места Брвеница и Долно Седларце. Со негова реализација, покрај подобрувањето на квалитетот на граѓаните, истовремено придонесуваме и за заштита на животната средина, на што како Влада посветуваме особено внимание. Министерството за транспорт и врски овозможува голема поддршка на општините за реализација на комунални проекти. Преку изградба и реконструкција на водоводи и канализации имаме за цел да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани, изјавил министерот Сугарески.

Во таа насока, соопштија од Министерството за транспорт и врски, тој информирал дека во овој момент се работи на преку дваесетина проекти во комуналната инфраструктура, а исто толку веќе се подготвуваат и за следната година.

Градоначалникот на Општина Брвеница, Енвер Пајазити истакнал дека изградбата на канализациската мрежа и колекторот за отпадни води се од круцијално значење за жителите на Брвеница и нагласи дека веќе од утре ќе бидат ставени во функција.

Министерот Сугарески информирал и за проектот за подобрување на локалните патишта, при што истакнал дека од следниот месец вкупно 70 милиони евра наменети за изградба и санација на локални патишта и улици ќе бидат достапни за општините.

Сугарески апелирал до сите локални самоуправи да подготват проекти и да ги достават до Министерството за транспорт и врски, со цел веднаш да се тендерираат и со самиот почеток на следната година да започне нивната реализација.