Општините Охрид, Дебрца и Вевчани потпишаа меморандум за соработка со Службата за спасување на планина

Општините Охрид, Дебрца и Вевчани денеска потпишаа меморандум за соработка со Службата за спасување во планина при Црвен Крст – Охрид, во насока на поголема безбедност на локалното население, но и на туристите при нивниот престој во излетничките места во регионот.

Меморандумот го одбележува почетокот на соработка, финансиска и логистичка поддршка за регионот да добие современа служба за спасување што ги исполнува сите меѓународни стандарди.

– Како туристичка дестинација на овој начин ќе бидеме во можност да одговориме на сите потреби и предизвици со кои се соочуваме, особено во развојот авантуристичкиот туризам кој е во подем, истакна раководителот на Службата Антонио Додевски.

Тој нагласи дека денеска од оправдани причини не се присутни претставници на општините Струга и Ресен, но нагласи дека од разговорите со нивни претствници постои подготевност и кај нив за парафирање на меморандумот и соработка од заеднички интерес.

Градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски во оваа прилика укажа на потребата од формирање спасителен центар и на планината Јабланица, што е во насока на поголема безбедност за туристите во тој дел од регионот, како потреба што дополнително добива на значење согласно заложбите на општината за развој на руралниот туризам во Вевчанските извори како Споменик на природата што од неодамна повторно е во владение на самата Општина Вевчани.

– Ние веќе имаме ренџерска служба, но спасителната служба од Охрид е далеку пооопремена и обучена за такви случаи на спасување, така што ние можеме активностите да ги вмрежиме и да функционираме како логистичка поддршка, рече тој.

Зоран Ногачески, градоначалникот на Дебрца од своја страна истакна дека соработката со Службата е од особено значење за Општината, имајќи ги предвид надлежностите што ги има локалната самоуправа, Црвениот крст и Законот за заштита и спасување.

– Со овој меморандум остваруваме заедничка соработка, ги дефинираме целите и секако тука заедничките обврски. За Дебрца е значајно оттаму што нашата визија е општината да ја развиваме во атрактивна туристичка дестинација што ќе ги искористи сите потенцијали. Дебрца има предуслови за развој на планинарски и авантуритички туризам, а тие форми на стопанска дејност не може да се реализираат без постоење соодветна спасителна служба, рече Ногачески.

Заменик-градоначалникот на Охрид Ристо Николески потсети дека Службата за спасување учествуваше во активностите за гаснење на шумските пожари во Дебрца и Охрид, како логистички со возила за достава така и за извлекување загрозени лица,што само ја потврдува оправданоста од интензивирање на соработката со современа Служба за спасување во планина.

Службата за спасување на планина како таква функцинира од пред две години, со новоизграден современ Центар но како единица за спасување на планина и непристапни терени во рамки на Црвениот крст во Охрид постои уште од 2002 година.

Во целиот тој период реализирани се бројни акции за спасување, но како податок вреди да се истакне дека бројот интервенции бележи раст од година во година.

Оваа година Службата има реализирано осум интервенции, минатата година шест, што е далеку повеќе од пред десеттина година кога било интервенирано еднаш до двапати годишно. Основниот тим на Службата го сочинуваат 14 лица обучени за делување во сложени операции на технички комплициран терен, со 37-член тим за логистика и поддршка.

– Несреќи се случени во сите општини. Според видот и природата на несреќите, во Дебрца и Струга најмногу е интервенирано кај локално население во зимскиот период од годината при интензивни врнежи од снег. На охридска територија висок процент на интервенции има кај странски туристи, оттаму што Галичица веќе се наметнува како туристичка атракција интересна за туристите. Со развојот на туристичките понуди во Вевчани и Дебрца се очекува раст на бројот посеители, а со тоа и евентуална зголемена потреба од интервенции, рече Додевски.

Во завршна фаза е одобрување на проектот поддржан од ЕУ за поврзување на реоните на дебрчките планини Илинска и Плакенска и планинските масиви Грамш во Албанија со националните паркови „Галичица“ и „Преспа“, во подолга, планинска „трејл“ патека, во чии рамки е предвидено доопремување на Службата за активности за спасување во зима, како и изградба на планинарски дом со спасителна станица во селото Брежани.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *