Работниците во „Еурокомпозит“ на протест за плата

Шеесетината вработени кои останаа во прилепската фабрика „Еурокомпозит“, по прогласувањето на технолошки вишок на 154 работници, денеска излегоа на протест пред фирмата барајќи плата, зашто, велат, не зеле три месеца. Добиваат само по околу 3 500 денари, но плата нема.

Според Роберт Богданоски, претседател на синдикатот при „Еурокомпозит“ изразуваат благодарност до Владата што го реши со закон проблемот со заостанатите придонеси, но целосно ситуацијата не е разрешена. Нема плата, ниту работа во фабриката.

-Најпрво, благодарност до Владата што го реши прашањето со придонесите преку законско решение. Разбравме дека се платени, има потврда во Службен весник. Но, проблемот во нашава фирма не е решен. Од јануари со претходниот директор земавме плата, дури беше и зголемена, од 15 000 до 18 000 денари. Имавме работа, но со неговото разрешување и со новиот директор Милан Тоцев, ние не земаме плата. Во овие три месеци добиваме преку „Композитна опрема“ во просек по 3.500 денари. Затоа, за жал, излеговме на протест повторно да бараме начин како ние да продолжиме да земаме плата и дали е можно тоа. Сите договори досега што ги имавме се завршени, во моментов немаме работа и ситуацијата е многу лоша. На работа останавме 64-ица работници, другите 154 се прогласените технолошки вишок. Ни беше ветувано дека ќе земаме плата редовно, но сега не се случува. Три месеци добиваме по  3.500 денари, а со тоа не се живее. Имаме сознанија, и потврда од директорот, дека Управниот одбор редовно зема плата. Денеска е протест и решени сме да го активираме штрајкот и повторно на улица и пред Владата, за жал, да си ги бараме правата, изјави Богданоски.

Здравственото осигурување се плаќа, а нови придонесе не се плаќаат зашто треба да дојде инвеститор, а досега нема најава за тоа. Работниците велат дека недостасува стручна работна рака за работа со нови договори, зашто најголемиот број се прогласени технолошки вишок.

– Има недостиг од работници кои ќе работат на машините. Тие заминаа технолошки вишок. Сега не знаеме како и дали ќе се работи, вели Илија Талески.

– Не гледаме иднина зашто ни се вели дека ќе ни дава по 2000 до 3000 денари месечно, но сето тоа е многу неизвесно, вели работникот Горан Велески.