Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, соопшти дека на средба со претставници на бугарската и француската амбасада во нашата земја и со претставници од надлежни државни институции, одржана во Дојран, било договорено Дојран како дополнителна туристичка атракција да понуди патека од дојранскиот фронт од Првата светска војна.
-Нашата идеја е да оплемениме дел од патеката, да разработиме стратегија и конечно фронтовата линија да почне да функционира како вистинска туристичка атракција со обучени туристички водичи, бидејќи интересот за фронтовата линија, воената историја на Дојран и настаните од минатото кои се одвивале на овие простори се навистина многу актуелни кај странските посетители, вели Ангов.
За брзо реализирање на замислата, било одлучено да се формира координативно тело од сите институции кое во наредниот период интензивно ќе аплицира за средства од најразлични фондови.