Објавен е јавен повик за реализација на проектот „Изградба на пристапни патеки на пешачкиот мост во централно градско подрачје на реката Брегалница во Делчево“.
Понудите ќе бидат отворени на 5 ноември во 9 часот.
– Со реализација на овој инфраструктурен дел од мостот, комплетно ќе биде заокружена изградбата на првиот пешачки мост на реката Брегалница, кој е изграден од челична конструкција во должина од 60 метри, распон од 42 метри и ширината на пешачката патека од три метри. Вредноста е 8,2 милиони денари, средства обезбедени со околу 60 проценти учество од ИПР, преку Бирото за регионален развој, а останатите околу 40 проценти се кофинансирање од општината, информираат од општината.
Пешачкиот мост на Брегалница ќе го поврзува стариот со новиот дел на градот и тој, според надлежните, покрај тоа што ќе претставува украс на градот, ќе биде и дел од туристичкиот пакет на Делчево.
– Изградбата на мостот има и дополнителна вредност, бидејќи Општина Делчево има дополнителни инвестиции за изградба на пристапни рампи и пристапна улица, со која ќе се поврзат локалните институции. Неговата изградба е во рамки на проектот „Збогатување на туристичката понуда со изградба на пешачки мост на река Брегалница во Делчево“ и е финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, по Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година, велат од општината.
За реализација на проектот обезбедени се средства од Буџетот на општината во вкупен износ од три милиони денари без вклучен ДДВ.